Novica Veljanovski 100

ДИПЛОМАТСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ГРАЃАНСКАTA ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1945 – 1946), ТОМ 1

Државниот архив на Република Македонија го објави Зборникот „Дипломатски документи за граѓанската војна во Грција (1945 – 1946)” кн. 1, во редакција на д-р Новица Велјановски.

Во зборникот се објавени 95 документи што потекнуваат од Министерството за надворешни работи на поранешната ДФЈ односно ФНР Југославија.

Објавените дипломатски документи во оваа публикација се однесуваат за периодот 1945-1946 год., условно кажано за првата фаза од граѓанската војна во Грција, а во втората книга ќе бидат опфатени документи од периодот 1947 – 1949 година.

Авторот ги објаснува тогашните историски текови за конституирањето на новата држава ДФ и ФНРЈ Југославија, а во тој контекст и на новата Република Македонија во рамките на Федеративна Југославија.

Преку документите, повеќето од нив настанати во рамките на активностите на југословенските дипломатски служби, може да се фрли краток поглед на состојбите во тогашна Грција, односно во егејскиот дел од Македонија.

Меѓу документите опфатени во Зборникот се наоѓаат: писма, извештаи, меморандуми, телеграми, информации, вербална нота, прегледи, говор, напис, политичко-економски извештаи, статии, дипломатски проценки и сл..

За Граѓанската војна во Грција е пишувано многу. Пишувано е и во Грција и во Р. Македонија, но и во другите балкански земји. Во Р. Македонија со ова прашање главно се занимавале автори што потекнуваат од Грција, учесници во тие настани, односно луѓе од егејскиот дел на Македонија, кои како последица на таа војна останале да живеат во Р. Македонија и надвор од неа.

За Граѓанската војна во Грција се објавувани главно докумети од партиските архиви. Меѓутоа, во изминативе безмалку седумдесет години не се објавувани дипломатски документи, или нам не ни е познато. Историската дистанца не само што го овозможува туку и го налага отворањето на дипломатските архиви. Во смисла на тоа сметаме дека со објавувањето на овој зборник од југословенски дипломатски документи ќе дадеме соодветен прилог за натамошни истражувања на овој историски настан.

Најнови објави