trajanovski

МАКЕДОНИЈА ВО АВСТРИСКИТЕ ДОКУМЕНТИ (1910 – 1913)

Државниот архив на Република Македонија го објави Зборникот „Македонија во австриските документи“, во редакција на проф. д-р Александар Трајановски.

Во зборникот австриски документи се следат настаните во Македонија од почетокот на 1910 до кобниот Букурешки мир во август 1913 година. Во тоа време, а и пред тоа, на крајот на ХІХ и во почетокот на ХХ век, големите европски држави Велика Британија, Франција, Германија, Австро-Унгарија, Русија и Италија, сè повеќе се интересирале за настаните што се случувале во Отоманското Царство на Балканскиот Полуостров, со цел да го прошират своето влијание или да освојат значајни делови од Империјата, која била пред колапс. Во таа смисла, тие најмногу го актуелизирале нерешеното македонско и албанско прашање. Покрај тоа, буржоазиите на балканските држави Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора пројавиле интерес да ги освојат териториите на Балканскиот Полуостров кои сè уште се наоѓале под турска власт. Станува збор за дотогашните турски провинции и областите: Македонија, Албанија, Тракија, Епир, Санџак, Косово и Метохија.

Сите настани опфатени во документите од Зборникот се регистрирани од страна на австроунгарската дипломатија.

Во одделни документи Македонците се регистрирани и со своето автентично изворно име. Во таа смисла значајно е гледиштето на австроунгарскиот дипломат во Цариград Палавичини од 11 јули 1913 година, пред одржувањето на Букурешкиот мир и делбите на Македонија.

Бидејќи Македонија секогаш била во фокусот на австроунгарските интереси, непроценливо е значењето и богатството на австриските архиви, библиотеки, музеи и институти. Токму со овој најнов зборник на австриски документи се дава одреден придонес за расветлувањето на политиката на Австро-Унгарија и другите европски сили спрема Отоманската Империја, кон балканските монархии на Балканскиот Полуостров, вклучително и во отоманската провинција Македонија од аспект на политичките и стопанските интереси, кои ги имале високите европски држави и кругови кон Балканот и Македонија.

Поаѓајќи од споменатиот австриски интерес за Македонија, македонската историографија уште во 50-тите години на ХХ век почнала да публикува австриски документи (или документи од германско јазично подрачје) за историјата на Македонија и на македонскиот народ.

Со публикувањето на Зборникот македонската историографија, но и сите заинтересирани читатели ќе се збогатат со уште еден важен автентичен изворен материјал, произлезен од австриските архиви, а мошне значаен за историјата на Македонија и македонскиот народ во времето кога се случила неговата кобна делба, чии последици се чувствуваат и по сто години, односно до денес.

Најнови објави