!ikonka

IN MEMORIAM

Зоран Тодоровски е роден на 3 март 1950 година во Скопје, каде што завршува основно и средно училиште. Дипломирал во 1972 година на Филозофскиот факултет во Скопје на Катедрата за историја со историја на уметноста. Магистрира во 1989 година на Институтот за историја на македонскиот народ во XIX и XX век, на тема „Дејствувањето на Автономистичката ВМРО во периодот 1918-1924 година“. Докторирал во 1995 година на тема „Внатрешната македонска револуционерна организација 1924-1934 година“. Работел во Републичкиот комитет за култура 1975-1990 година како советник за споменици на културата и музејска дејност. Потоа работел во Институтот за национална историја во Одделението за историја на македонскиот народ (1913-1941), како асистент, научен соработник, виш научен соработник и научен советник (1990-2003- ). Д-р Зоран Тодоровски во ИНИ бил професор по предметот „Историја на Македонија 1913-1941 година.„.

Зоран Тодоровски е именуван за директор на Државниот архив на Република Македонија и раководи со Архивот во периодот 1999-2002 година и од 2006 година до денес. Тодоровски е претседател е на научно-културните средби „Десет дена Крушевска република. Д-р Зоран Тодоровски е автор на бројни публикувани историски трудови и зборници на документи. Значајни се неговите трудови посветени на ВМРО 1918-1924-1934 година, на македонското прашање во бугарскиот парламент, за историски личности како што се Крсте Мисирков, Тодор Александров, Владислав Ковачев, Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и други.

Но за вработените во Државниот архив, Зоран Тодоровски е значаен по тоа што раководеше со Архивот 12 години, и заедно со него ги споделувавме работите, задачите, успесите но и проблемите со кои се среќаваше Архивот. Директорот Зоран Тодоровски се залагаше за унапредување на работите во сите сектори и одделенија во Државниот архив, но највеќе се залагаше за развој на издавачката дејност на Архивот, за архивските истражувања во странство, за меѓународната соработка и др. Исто така, се залагаше за правилно функционирање на 9-те подрачни одделенија на ДАРМ, за кадровско доекипирање на Архивот, за донесување на архивските прописи итн.

Соочени со жалниот факт за физичката загуба на директорот Зоран Тодоровски, ние вработените во Државниот архив му изразуваме искрено сочувство на неговото семејство и од денес ќе го носиме во долг спомен и сеќавање неговиот лик.

Најнови објави