На 14 април (вторник) 2015 г., д-р Филип Петровски, в.д. директор на Државниот архив на Република Македонија го посети Архивот на Република Словенија во Љубљана.
За време на посетата д-р Филип Петровски имаше работна средба со м-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија, на која беше разговарано за досегашната соработка меѓу двата државни архива (Државниот архив на Република Македонија и Архивот на Република Словенија) и можноста за нејзино збогатување со нови содржини. На средбата беше разговарано и за начинот на кој се работи во Архивот на Република Словенија, пред се за процесот на дигитализација и конзервација и е договорено во иднина да се организираат обуки на вработените од Државниот архив на Република Македонија во Архивот на Република Словенија и експерти од Архивот на Р. Словенија да ги презентираат нивните искуства на стручни работилници во Скопје.
Во склоп на посетата на Република Словенија, на 15 април 2015 година во Раденци, д-р Филип Петровски присуствуваше на состанок со директорите на државните архиви од државите сукцесори на поранешна СФРЈ. Состанокот е континуитет на неколку претходно одржани состаноци, а во врска со имплементацијата на Анексот Д од Договорот за сукцесија, кој се однесува за архивите. Таму беа прецизирани активностите за подготвување на заеднички проект за дигитализација на заедничкото наследство од Архивот на Југославија (поранешен Архив на СФРЈ), Воениот архив и Дипломатскиот архив во Белград, Република Србија и беа разгледани можностите за аплицирање на некоја од проектните програми на Европската Унија.
Состанокот за сукцесија беше одржан во Раденци, каде што во исто време се одржуваше Конференција за техничките и содржински проблеми на класичното и електронското архивирање, организирана од Покраинскиот архив во Марибор – Република Словенија, а под покровителство на Меѓународниот архивски совет.