Со цел да се афирмира историјата на Македонија и македонскиот народ Државниот архив на Република Македонија на 15 јуни 2015 година во Скопје потпиша Меморандум за соработка со Здружението за умножување на слободни содржини СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје.
Во согласност со Меморандумот, потписниците се обврзуваат дека во рамките на својата примарна дејност, заеднички ќе делуваат и меѓусебно ќе соработуваат во интерес на создавање, прибирање и умножување на слободни содржини во дигитална, печатена и други форми и тоа преку споделување на пристап до книжниот фонд и литературата во Државниот архив на Република Македонија. Ова ќе биде постигнато со помош на Матичен википедијанец, член на „Споделено знаење“, кој ќе биде ангажиран од страна на здружението како „Матичен википедијанец“ (Wikipedian in Residence) и ќе има за цел да отсликува (скенира) материјали од Државниот архив на Република Македонија, кои се од општествен интерес и значење и кои се од слободен достапен карактер, односно не подлежат на авторскоправни ограничувања и би се ставиле на располагање на јавноста за општо добро, преку нивно ставање на Ризницата на Викимедија (Wikimedia Commons).
Оваа иницијатива е по урнекот на постоечките аранжмани од тој вид во повеќе установи (библиотеки, архиви, институти) во светот. Такви примери се: Британскиот музеј и Британската библиотека во Лондон, Националниот архив на САД, Кралскиот музеј на Данска и Кралската библиотека на Данска во Копенхаген, Националната Библиотека на Израел во Тел Авив, Музејот Пикасо во Барселона, Универзитетската библиотека во Белград и 87 други установи низ светот.