На 23 септември 2015 година Министерството за култура на Република Македонија и Државниот архив на Република Македонија ја промовираа Специјалната едиција на документи верни на оригиналот. На присутните им се обратија министерката за култура д-р Елизабета Канческа – Милевска и директорот на Државниот архив на Република Македонија д-р Филип Петровски.
Неодамна, по повод националниот празник 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија, Државниот архив почна да публикува ексклузивна едиција на копии од документи верни на оригиналот.
Од архивското културно наследство чувано во депоата на Архивот, селектирани се документите, кои засега се најрепрезентативни и најинтересни за јавноста:
1. Фрагмент од Евангелието според Лука од 12. век;
2. Решението за прогласување на Илинден – 2 Август за национален празник на Македонија од 1944 г.;
3. Решението од АСНОМ за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во Македонија од 1994 г.;
4. Законот за името на Народна Република Македонија од 1946 г.;
5. Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава од 1991 г.
„Проектот нема да застане со овие документи. Документите што ќе бидат објавувани и достапни за јавноста постојано ќе се дополнуваат за да можат сите да се почуствуваат поблиску до своите корени и да ја запознаат историјата на својата држава преку автентични документи. Преку оваа едиција понатаму ќе можеме да видиме како Гоце Делчев, Тодор Александров, Методија Андонов – Ченто и плејада други револуционерни работеле бескомпромисно на остварување на вековниот идеал на Македонците – слободна и независна Македонија“, истакна во своето обраќање д-р Филип Петровски.
Оваа едиција на документи ќе биде корисно надгледно средство во наставата по историја, но и единствена можност секој заинтересиран во својот дом да ја има Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија или другите објавени документи, што ќе можат да се набават во Државниот архив, но и во сите сувенирници во надлежност на Министерството за култура.