На 16 септември 2015 година во 12:00 часот, во Охридската конференциска сала во Хотелот Holiday Inn, се одржа состанок на Советот на Проектот за дигитализација на заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ.
Организатор и домаќин на Состанокот беше Државниот архив на Република Македонија, односно в.д. директорот на Архивот, д-р Филип Петровски.
Овој Состанок е продолжување на низата претходни состаноци во врска со дигитализацијата на заедничкото архивско наследство од СФР Југославија, а во прилог на имплементацијата на Анексот Д од Договорот за сукцесија, кои беа одржани во Белград, Загреб и Раденци.
На Состанокот присуствуваа директорите на државните архиви од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Архивот на Југославија (поранешен Архив на СФРЈ) и Дипломатскиот архив, односно Одделението за административни и архивски работи при Министерството за надворешни работи на Република Србија. Најавено беше доаѓањето и на претставник од Воениот архив при Министерството за одбрана на Република Србија, но непосредно пред почетокот на Состанокот истото беше откажано.
Присутните на Состанокот разговараа за техничките можности и динамиката на реализацијата на дигитализацијата на заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ, но и начините за обезбедување на финансиска поддршка за реализација на Проектот.
На состанокот беше заклучено Проектот за дигитализацијата на заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ да добие национално значење во секоја од инволвираните држави и за значењето на истиот да бидат информирани владите, како би се овозможило полесно добивање на финансиски средства.
До добивањето на средства од фондовите на Европската Унија, националните архиви од поранешните републики на СФРЈ со сопствени финансиски средства ќе работат на дигитализација на заедничкото архивското наследство во Архивот на Југославија, во Белград.
Состанокот предизвика голема заинтересираност меѓу медиумите, особено поради членот 3 од Анексот Д на Договорот за сукцесија, според кој на Република Македонија треба да и припаднат оригиналите од Договорот за проблемите на водостопанството меѓу СФРЈ и Грција (1959 г.) и Договорот за чување и обновување на граничните ознаки на југословенско-грчката граница, со цел заштита, спречување и решавање на пограничните инциденти (1959 г.), кои се наоѓаат во Дипломатскиот архив при Министерството за надворешни работи на Република Србија.
При посетата на Скопје на претставниците на државните архиви од поранешна СФРЈ им беше презентиран и новиот објект на Државниот архив на Република Македонија и начинот на работа во архивите во Македонија.