Архивистите во цел свет на 9 јуни го одбележуваат меѓународниот ден на архивите.
Да се празнува токму овој ден како меѓународен ден на на архивите е одлучено на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет (МАС) во Квебек, ноември 2007 година.
На 9 јуни 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет, во рамките на УНЕСКО, Париз.
Оваа година на 9 јуни (вторник) ќе биде одбележан осмиот Меѓународен ден на архивите.
Меѓународниот ден на архивите им нуди исклучителна можност на архивите од целиот свет да ја промовираат улогата на документите и архивите во нивната земја и воопшто во целокупното постоење.
Овој ден, преку соодветни манифестации во архивите може да биде искористен за промовирање на ефективното канцелариско работење како предуслов за добро управување, транспарентност и одговорност; да се нагласи важноста од чувањето на архивскиот материјал за колективната меморија на нациите и општеството и да се охрабрат оние членови од јавноста, кои никогаш претходно не го направиле тоа, да ги консултираат архивите за прв пат.
„9-ти јуни“ – како меѓународен ден на архивите треба да се искористи како можност за подигање на јавната свест за архивскиот материјал и архивистите.
Државниот архив на Република Македонија како национален ден на архивите го празнува 1 април, денот на кој во 1951 година е формирана оваа институција, но во последните години со пригодни советувања за архивските работници, презентирање на законската регулатива за архивско работење, изложби и сл. го одбележува и 9 јуни.