J.B.Tito tom22018logo

АРХИВ НА ЈОСИП БРОЗ – ТИТО ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА (1954-1969)

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на мај 2018 година ја објави втората книга од проектот „Архив на Јосип Броз – Тито/Документи за Македонија (1954-1969)“, во редакција на д-р Новица Велјановски.

Книгата содржи 95 документи, како продолжение на Првата книга од истиот проект која е објавена во 2012 година.

Голем дел од избраните документи во оваа публикација се однесуваат на надворешно-политичкиот аспект на југословенските односи со соседните земји, а во тој контекст и третманот на македонското прашање. Вториот, помал дел од документите се однесува на внатре¬шно-политичките состојби во ФНР (СФР) Југославија и посебно во НР (СР) Македонија, ги третира политичките, стопанските, култур¬но-образовните и некои други односи поврзани со Македонија. Надворешно-политичкиот аспект во третирањето на македонското прашање во односите со соседните земји е најизразен во односите со Грција. Тоа е мошне разбирливо бидејќи Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година остави длабоки последици во југословенско-грчките, особено македонско-грчките односи, кои се чув¬ствуваат и денес кога е во прашање современиот однос кон Република Македонија.

Неколку документи од зборникот се однесуваат на бугарско-југословенските односи во кои исто така централна тема е македонското прашање. Документите укажуваат на тоа дека односите меѓу двете земји се одвивале по принципот топло-ладно во зависност од актуелноста на некое прашање, а особено на маке¬донското прашање.

Дел од приложените документи говорат и за односите меѓу СФР Југославија и НР Албанија. Албанија била особено заинтересирана за состојбите во Југославија поради албанското малцинство во неа, особено за работата на пропагандната машинерија на Косово и во Македонија каде што според албанската теза постоел албански народ на вековни албански територии. Од друга страна, Југославија не ја прифаќала таквата теза, туку инсистирала на малцински права за Албанците во Југославија.

Една група документи кои ги објавуваме се однесуваат на внатрешнополитичките проблеми во југословенската федерација, односно во Македонија. Посетите на Јосип Броз Тито на СР Македонија претставувале важни настани. Во овој период големо внимание е посветено на неговата посета во мај 1957 година кога го предал во употреба системот на хидроелектраните „Маврово“ при што биле водени неколку дискусии за натамошниот развој на Републиката, потоа посетата на Јосип Броз Тито по повод катастрофалниот земјотрес во Скопје во јули 1963 година, посетата во 1969 година направена по повод дваесет и петгодишниот јубилеј од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и прогласувањето на македонската држава, како и посетата во 1969 година кога бил прогласен за почесен академик на МАНУ и разговорот со академиците за наредните задачи.

Притоа многу доверливи, односно тајни документи укажуваат на тоа дека многу од нив досега не ѝ биле познати на научната јавност во Македонија.

Најнови објави