EvrejskaOpstina

„Записници од седниците на македонската еврејска верска општина“ (1944 – 1946)

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година го објави зборникот „Записници од седниците на македонската еврејска верска општина“ (1944 – 1946). Зборникот е составен од записници од седниците, конференциите и заседанијата на Македонската еврејска верска општина – Скопје (МЕВОС), опфаќајќи го периодот од обновувањето на работата на Еврејската верска општина во Скопје во периодот од декември 1944 година па сè до првата половина на 1946 година. Поголемиот дел од презентираните документи во нивното оригинално издание се пишувани рачно со кирилично писмо, а мал дел со латинично писмо. Меѓу нив, постојат и документи пишувани на српскохрватски јазик, кои се преведени на македонски јазик. При обработката на презентираната архивска документација, се обидувавме колку што е можно повеќе да ја задржиме автентичноста на македонскиот говорен јазик на кој се пишувани и поголемиот број од претставените оригинални документи. Зборникот на документи под наслов „Записници од седниците на Македонската еврејска верска општина (1944 – 1946)“ е составен од вкупно 68 документи на кои им претходи вовед и предговор, список на презентирните документи, каде што е наведена нивната кратка содржина по хронолошки редослед, неколку факсимили од оригиналните документи, регистри на лични имиња и географски поими, список на необјавени и објавени извори, користена научна литература и материјали.

Неоспорниот факт дека во македонската историографија речиси и не постојат податоци за активноста на Македонската еврејска верска општина во Скопје по ослободувањето на Македонија и завршувањето на Втората светска војна, ја поттикна идејата за подготовка на овој Зборник на документи. Ваквата состојба темелена врз основа на проучениот објавен архивски материјал и на ретките научни и публицистички написи, кои се однесуваат на институцијата што ги застапува правата и обврските на еврејското население во нашата држава претставуваше предизвик и поттик за отворање на едно целосно ново поглавје од македонската историја.

Врз основа на пронајдениот обемен архивски материјал и по неговата извршена детална анализа, селектирање и обработка, се одлучивме да подготвиме зборник на документи под наслов „Записници од седниците на Македонската еврејска верска општина (1944 – 1946)“, преку чие објавување сметаме дека ќе придонесеме во расветлувањето на еден од клучните сегменти во процесот на обновување и работата на Македонската еврејска верска општина во Скопје (МЕВОС) во првите години по завршувањето на Втората светска војна.

Презентираните записници изобилуваат со вредни податоци за животот, внатрешната организациска поставеност, активноста и предизвиците со кои се соочувале членовите на Македонската еврејска верска општина во Скопје (МЕВОС) во периодот од обновувањето на нејзината работа во 1944 г., па сè до првата половина на 1946 година. Преку нив може да се согледа: ентузијазмот на нејзините основачи и на членството во трасирањето на патот преку кој бил обновен верскиот, културно-просветниот и економскиот живот на еврејското население во Македонија; хуманитарно-социјалната ангажираност и активност на МЕВОС во помагањето на сопственото членство; нејзината соработка со Сојузот на еврејските верски општини на Југославија (СЕВОЈ) и другите еврејски верски општини на територијата на Југославија; соработката и помошта што ја добивала од Американската еврејска хуманитарна организација, која била од огромно значење за МЕВОС во повоениот период; соработката со Земската комисија за воена штета и Државната комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги во Македонија; напорите на МЕВОС во потрагата по депортираните Евреи од Македонија; преземените мерки за враќање на ограбениот движен и недвижен имот во текот на војната; давање финансиска помош и материјална поддршка за сиромашните членови на Заедницата и на Евреите на кои Скопје им било попатна станица кон своите домови; обидите на МЕВОС да отвори прифатилиште, менза и здравствена амбуланта со цел да се излезе во пресрет на сопственото членство итн.

Сметаме дека објавувањето на зборникот на документи „Записници од седниците на Македонската еврејска верска општина (1944 – 1946)“ е од исклучително значење како за македонската историографија така и за историјата на Еврејската заедница во Република Македонија. Преку него на јавноста ќе ѝ овозможиме увид во деталите од процесот на обновувањето и работата на Еврејската верска заедница во Демократска Федерална Македонија, односно во Народна Република Македонија во првите години од повоениот период.

Најнови објави

Учество на состанок на Редакцискиот одбор на списанието на Историскиот архив на Пожаревац и работен состанок со потпретседателката на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS)

На покана на д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и уредник на

Дознај повеќе...

ОБЈАВЕНА Е ВТОРАТА КНИГА ОД ВТОРИОТ ТОМ ОД „ОСМАНЛИСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА – ПОПИСИ ОД ХIX ВЕК (1832-1833) СКОПСКИ САНЏАК, СКОПСКА КАЗА“ ОД АВТОРОТ  Д-Р АДНАН ШЕРИФ

Објавена е петтата книга, всушност втора книга од вториот том од серијата ,,Османлиски документи за

Дознај повеќе...