ILINDENSK1

„ИЛИНДЕНСКИ СВЕДОШТВА“, том 1, дел 1 и 2

Македонската историја, сè уште, располага со пишани и недоволно истражени извори кои говорат за судбината на македонскиот народ. Историјата се темели врз документи што се создаваат и се испишуваат од каква било причина. Благодарение на записничарите на минатото, денешните државни архиви се преполни со документација врз основа на која се базираат, почнуваат, се градат историските процеси, случувањата во минатото итн.

Токму таков извор е збирката документи во Државниот архив на Република Македонија, дел од фондот бр. 159 насловен како „Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946 – 1956)“. Овој историски фонд е обемен и создаден благодарение на државната власт од 1946 г. и нивата одлука за признавање и наградување на активностите на учесниците, мажи и жени, во националноослободителните движења од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Повикот и одлуката за познатиот „Закон за илинденски пензии“ ќе резултираат со доставување илјадници документи, односно досиеја на илјадници граѓани од Македонија меѓу кои најважни се забележаните сеќавања на овие баратели за нивното учество во предилинденскиот, илинденскиот и постилинденскиот период. Индивидуалните животни истории се дел од 43 архивски кутии, во кои азбучно се распоредени околу 3.500 архивски единици, историски досиеја на поединци, кои во периодот од 1946 – 1956 г. ќе се обидат својата револуционерна активност половина век порано да ја потврдат преку признавање и наградување од државата – добивање илинденска пензија.

Архивот реши публикувањето на материјалите од фондот „Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946 – 1956)“, да биде во пет тома. Во април 2016 г. од печат излезе првиот том кој се состои од два дела, на кој одговорни уредници и составувачи се д-р Јасмина Дамјановска, д-р Ленина Жила и д-р Филип Петровски, со што започнува реализацијата на целата едиција од објавувањето на „Илинденските сведоштва“. Ќе бидат претставени документите на сите апликанти за илинденска пензија, признати и одбиени илинденци. Од секое досие се земени најрепрезентативните материјали, биографии на подносителите, кои покрај молбите и изјавите од сведоците, се најбројни и изобилуваат со најмногу податоци за нивната мината активност. Не се објавени само имињата на подносителите во чии досиеја, покрај одлуките и решенијата за илинденска пензија, не се среќаваат биографски записи.

Сеќавањата информираат многу детално за Македонската револуционерна организација, за нејзиното формирање, издигнување и одржување, за устројството, за нејзината моќ врз и околу нив, за воените подготовки и ставање крај на османлиска Македонија, за општествено-економскиот контекст на растот на организацијата, за начинот и патот на вооружувањето, за церемониите на заколнување на членството, за механизмот за одржување на таинственоста, покорноста и лојалноста, за дисциплината и солидарноста на движечката сила на Организацијата.

Записите изобилуваат и со податоци за: начинот на водење евиденција или архива од Организацијата, пренесувањето, чувањето и нејзиното значење за членството, финансиската расположливост на Организацијата, целокупната структурна подреденост, делувањето на највисоката хиерархиска поставеност, односно за повисокото раководство, четите формирани според однапред потврдени упатства и правилник, така што добиваме информации за дејствувањето и движењето на четите формирани од многу познати охридски, битолски, крушевски, прилепски, ресенски, кичевски, радовишки, штипски, кратовски, скопски, велешки војводи, од кои ќе споменеме само еден мал дел: Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Узунов, Ѓорче Петров, Христо Чернопеев, Ѓорѓи Сугарев, Јане Сандански, Атанас Карчев, Сандо Китанов, Јордан Пиперката, Никола Дејанов, Питу Гули, Васил Аџаларски, Аргир Манасиев, Леонид Јанков, Тале Горанов, Дејан Димитров, Лазар Делев, Мише Развигоров, Јован Алабакот, Наум Цветинов, Андон Кецкаров, Андон Ќосето, Спиро Келеманов, Милан Крстев, Димитар Бојаџиев, Симјан Молеров, Петре Ацев, Петре Христов, Јован Ацков, Дејан Мицкоски, Крсте Гермов и многу други. Непроценливи се информациите за подготовките за Илинденското востание, за текот и клучните борби со турската војска, последиците и активностите кои следувале по востанието, сè до 1908 г. и Младотурската револуција.

Документацијата изобилува со повеќе сегменти од тогашната егзистенција на македонското семејство предводена од турската власт, како и од бугарската, српската и грчката пропаганда, за социјалната положба, за нивниот живот како осуденици и затвореници, за економската сиромаштија, за улогата на религијата, за политичкиот живот, за можноста или неможноста, како и за: степенот на образование, работната способност и професионалната определба, интимниот живот, менталитетот и културата на живеење во македонските градови и села, емигрирањето и печалбарството, најизразено во Бугарија, Грција, Србија, Австрија, Романија и Америка, секојдневна историја која е недоволно истражувана и секогаш потиснувана од воената, политичката и дипломатската.

Со нивното публикување сега, 70 години од нивното создавање, научниците во Македонија и надвор од неа имаат можност да ја сфатат македонската историја на глобално ниво, и да ја направат централна во интердисциплинарната и географски компаративна анализа на социјалните и културните достојанија на архивите.

Најнови објави