На 18 декември 2017 г., во Музејот на Македонската борба за државност и самостојност, Државниот архив на Република Македонија ја промовираше изложбата „Русите во Македонија (1920-1940)“.
Изложбата е изработена од Државниот архив на Република Македонија, Институтот за национална историја и Музејот на македонската борба за државност и самостојност, а под покровителство на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, г-динот Никола Јанкуловски.
Изложбата се состои од 28 паноа (70 x 100 см) и еден банер, а на неа се прикажани повеќе документи и фотографии за дејноста на руските имигранти во периодот од 1920 до 1940 г. Документите и фотографиите се дел од Државниот архив на Република Македонија и од семејните фондови на потомците на руските емигранти. Изложбата дава претстава за животот на руските имигранти во Македонија и за дејноста на руските научници, професори, архитекти, ликовни уметници, лекари, артисти, односно е посветена на луѓето кои не ја прифатиле Октомвриската револуција и така наречениот „нов поредок“, на луѓето кои ја напуштиле Русија и по волјата на судбината останале во Македонија која ја прифатиле како новата татковина во која беспрекорно професионално се реализирале.
Изложбата е поделена во два дела и тоа: првиот е посветен на придонесот на руската интелегенција во развојот на Македонија, а вториот го прикажува животот на руските имигранти во Македонија преку документи и фотографии од семејните архиви, кои ги чуваат потомците.
На отворањето на изложбата на присутните им се обратија Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија, Олег Малинка, претставник на потомците на руските имигранти во Македонија, Ленина Жила, проф. д-р на Институтот за национална историја и Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Македонија.