Делегација од Државниот архив на Република Македонија, предводена од в.д. директорот, Кирил Петров и в.д. државниот советник Сашо Јанкуловски, на 5 и 6 октомври 2017 година оствари работна посета на Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија.
На 5 октомври 2017 година, во Софија – Република Бугарија, в.д. директорот на Државниот архив на Република Македонија, г-дин Кирил Петров и неговиот домаќин, доц.д-р Михаил Груев, претседател на Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија, потпишаа Договор за соработка помеѓу двата државни архиви.
Овој Договор е предвиден во Програмата за работа на Државниот архив на Република Македонија во 2017 година и претставува обновување на претходно потпишан Договор за соработка меѓу овие две архивски институции, чија што валидност беше истечена во ноември 2016 година.
Првиот Договор за соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија (тогаш „Архив на Македонија”) и Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија (тогаш „Главна управа на архивите при Министерскиот совет на Република Бугарија”) е потпишан во 1992 година.
Во согласност со новиот Договор за соработка, Државниот архив на Република Македонија и Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија ќе работат на развивање и унапредување на соработката во областа на архивите, при што соработката ќе биде развиванаврз основа на еднаквост и заемен интерес, но и врз основа на финансиските можности и во согласност со националното законодавство, како и меѓудржавните договори.
При потпишувањето на новиот Договор за соработка, г-дин Кирил Петров и доц. др. Михаил Груев, истакнаа дека соработката меѓу двата архива била традиционално добра, но дека тие во иднина ќе работат на нејзино збогатување со нови заеднички проекти.
На потпишувањето на Договорот за соработка присуствуваше и г-дин Марјан Ѓорчев, амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија.
За време на посетата на Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија во Софија, на делегацијата од Државниот архив на Република Македонија и беше презентиран начинот на работа во архивите во Република Бугарија, пред се во областа на дигитализацијата и конзервацијата.