logoSeul

Конгрес на Меѓународниот архивски совет (Сеул, Република Кореја (Јужна Кореја) – 5 до 10 септември 2016 година)

Во периодот од 5 до 10 септември 2016 година, во Сеул – Јужна Кореја се одржа Конгрес на Меѓународниот архивски совет, кои се одржува на секој четири години.

Државниот архив на Република Македонија на овој Конгрес беше претставуван од директорот, д-р Филип Петровски, кој од мај оваа година е член на новиот Извршен одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет.

Конгресот се одржа во COEX (Convention and Exhibition Center) – Конвенциски и изложбен центар во Сеул, а беше организиран од Меѓународниот архивски совет и Националниот архив на Кореја. Главни спонзори на Конгресот, како и на некои од претходните годишни конференции беа Ancestry (најголем извор во светот за пребарување на семејна историја, со седиште во Јута, САД, основана во 1983 година) и FamilySearch (невладина, непрофитна организација од Јута, САД, која овозможува on-line пристап до податоци од матични книги од целиот свет).

Главна тема на Конгресот беше „Архиви, хармонија и пријателство“, во која беа вклучени 8 подтеми, посветени на концептот на хармонија и соработка во областа на архивистиката и канцелариското работење.

На конгресните сесии се зборуваше за предизвиците што доаѓаат со дигиталното време и беше речено дека тоа се комплексни ситуации кои бараат внимателно да се донесат решенија со цел да се осигура иднина каква што посакуваме. Архивистите треба да балансираат помеѓу заштитата на приватните податоци и правото на информации; да работат во корист на зачувување на националната безбедност; да обезбедат глобален on-line пристап до архивските фондови, а истовремено да ги почитуваат меѓународните закони за авторско право.

Конгресот го отвори претседателот на Меѓународниот архивски совет, г-дин Дејвид Фрикер (национален архивист од Австралија), а обраќања имаа и претседателот на националниот архив на Кореја, г-дин Санг Џин Ли, помошник генералниот секретар на Обединетите нации, г-дин Џон Хокинг, како и Претседателката на Јужна Кореја, која на присутните им се обрати со видео порака.

На Конгресот беа презентирани 256 реферати од 58 држави, а вкупниот број на учесници беше околу 2000 од околу 190 земји од целиот свет.

За време на Конгресот посебно внимание беше посветено на презентирањето на достигнувањата во архивистиката во Јужна Кореја и беше промовирана културата на Јужна Кореја преку презентирање на нивните печати, нивната азбука и начин на пишување, традицијата на книговрзување и слично.

Преку архивска изложба беа презентирани фотографии, историски документи и филмови преку кои беше прикажан развојот и напредокот на Република Кореја кои довеле до нејзината сегашна позиција на глобален лидер со напредна економија.

Додека траеше Конгресот, во COEX центарот беше организиран саем со изложувачи од јавниот сектор во Кореја и од архивската индустрија, каде можеше да се посетат штандови на повеќе организации и компании од областа на дигиталната технологија, изработувањето на архивски мебел и архивски кутии, заштита на хартијата и други.

Овој Конгрес беше исклучителна и несекојдневна можност на едно место да се сретнат претставници од архивите од целиот свет, да се разменат идеи за архивското работење, но и за улогата на архивите во општеството и нивното промовирање, како и да се добијат информации за најновите софтвери, техники и опрема што се користат во архивското работење.

Д-р Филип Петровски за време на Конгресот оствари повеќе контакти, договори повеќе проекти и присуствуваше на првиот состанок на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет, кои брои вкупно седум членови кои ги застапуваат интересите на околу илјада архиви од Европа во Меѓународниот архивски совет.

Конгрес на Меѓународниот архивски совет, 2016

Најнови објави