NOVOto-LOGO

Научно-истражувачка работа во Одделението за административна и архивска работа (Дипломатски архив) при Генералниот секретаријат на Министерството за надворешни работи на Р. Србија

Научно-истражувачката работа се оствари во периодот од 7 до 18 мај 2018 година. Претставници од Државниот архив на Република Македонија се:

  • М-р Климентина Ивановска, раководител на Секторот за средување и обработка на архивски материјал;
  • Татјана Алексовска Сапунџиоска, раководител на Одделение Скопје;
  • Ристо Трајчевски, самостоен референт во Секторот за заштита на архивскиот материјал;
  • Анче Марковска, Министерство за надворешни работи на Р. Македонија.

Остварена е средба со началникот на Одделението за административни и архивски работи, г-ѓа Зорица Аврамовиќ Живковиќ, како и со заменик генералниот секретар, г-дин Раде Стефановиќ. На средбата се договори текот на научно-истражувачката работа на фондот: Политичка архива во Дипломатскиот архив на Министерството за надворешни работи на Р. Србија, 1945-1987.

Оваа научно-истражувачка работа во овој Архив е прва од ваков тип од Република Македонија. Изборот на документи е извршен по приоритетни задачи кои се однесуваат и се во интерес на Република Македонија. Првенствено се земени научно-информативни средства на фондот од 1945-1987 година и од истите снимени се 1.173 листа, а се однесуваат од земјите кои се од непосредното опкружување на Р. Македонија, како и постојаната комуникација и заеднички интереси на државите: Р. Албанија, Р. Бугарија, Р. Грција, СФРЈ и Р. Турција, од која документација се издвоени 503 документи и направени 4.803 листа снимен материјал со дигитален апарат Canon EOS 550D, и тоа:

  1. Р. Албанија – 505 снимки (1945-1950, 1970, 1973, 1975, 1978);
  2. Р. Бугарија – 892 снимки (1945-1952, 1970, 1971, 1973, 1975, 1977, 1978);
  3. Р. Грција – 2.027 снимки (1945-1952), 1970, 1971, 1973, 1975, 1977, 1978);
  4. Југославија – 142 снимки (1945-1946, 1951, 1953-1964);
  5. Р. Турција – 64 снимки (1949-1952, 1970, 1973, 1977, 1978).

Оваа научно-истражувачка работа отвори можности за понатамоши истражувања и собирање на целокупната архивска документација која се однесува, и е во интерес, на нашата држава.

Сите меѓународни договори кои се во интерес на Р. Македонија и се наоѓаат во Збирката на меѓународни договори во Одделението за меѓународно право, може да бидат доставени до Р. Македонија само преку владина министерска соработка.

Комуникацијата со вработените од Дипломатскиот архив беше на задоволително ниво, со договор за понатамошна соработка, како би се остварил Договорот за целосна реализација на активностите за имплементација на Спогодбата за прашања на сукцесија на поранешна СФРЈ, односно Анексот Д од истиот.

Најнови објави