porecelogo

Порече (1944-1945)

Државниот архив на Република Македонија во декември 2017 година ја објави монографијата „Порече (1944-1945)“

Дваесеттиот век е еден од најдраматичните периоди од историјата на човештвото, но и од историјата на македонскиот народ. Ова е период во кој македонскиот народ помина низ многу тешки војни и премрежија, но и период во кој дел од македонскиот народ и дел од македонската територија се стекнаа со државност и самостојност. Македонскиот народ е еден од ретките народи во светот кој помина низ толку многу војни, поделби, страдања и неправди, но со крв и со многу жртви го потврди своето опстојување и создаде независна и самостојна македонска држава. Настаните во Втората светска војна и определбата на македонскиот народ да се вклучи во антифашистичката коалиција претставуваше можност за конечно ослободување и стекнување независност.

Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ од 1941 до 1944 година беше крунисана со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и со прогласување и формирање на слободна и независна македонска држава.

Целта на овој труд е да се придонесе во дополнување на историските сознанијата за настаните во периодот на ослободувањето на Порече и во воспоставувањето на народната власт 1944-1945 година.

Порече е област што се наоѓа во централниот дел на Македонија и која се протега по течението на реката Треска. Областа Порече сега претставува територија која се поклопува со административната граница на општина Брод. Површината на Порече зафаќа околу 900 км и со околу 7100 жители претставува една од поретко населените територии во Македонија.

Во Порече постојат 51 населено место, покрај градот Брод се селата: Белица, Бенче, Битово, Близанско, Брезница, Брест, Вир, Волче, Горни Манастирец, Горно Ботушје, Горно Крушје, Грешница, Девич, Долни Манастирец, Долно Ботушје, Долно Крушје, Драгов Дол, Дреново, Заград, Звечан, Здуње, Зркле, Ижиште, Инче, Калуѓерец, Ковач, Ковче, Косово, Крапа, Латово, Локвица, Лупште, Могилец, Модриште, Ореовец, Рамне, Растеш, Русјаци, Самоков, Сланско, Слатина, Старо Село, Суводол, Сушица, Тажево, Томино Село, Тополница, Требино, Требовле и Црешнево.

Планина, од исток и североисток со планинскиот венец на планините Јакупица, Караџица и Даутица. Ваквата географска местоположба, слабата поврзаност со соседните области и со поголемите градови, како и конфигурацијата на теренот, влијаат на слабиот економски развој на Порече и Поречани.

Втората светска војна за Македонија претставуваше нова окупација со која наместо дотогашната големо-српска се замени со Бугарска и Италијанска окупација.

Територијата на Порече беше под бугарска окупација, но во исто време претставуваше и погранична територија помеѓу бугарската и италијанската окупаторска административна граница. Желбата за зачувување на окупираната територија, но во исто време и постојаната амбиција на Бугарија да ја прошири окупираната територија претставуваше причина за присуство на зголемен број на бугарска војска и полиција во Порече.

Од средината на 1942 година на територијата на Порече се создаде база на четничката организација која дејствуваше и помеѓу населението ширеше прочетничка и големосрпска пропаганда. Голем број од селаните кои поради теророт на бугарската војска и одбивањето да служи на окупаторот како и под присилно спроведуваната мобилизација беа принудени да ги напуштаат своите домови. Дел од нив ја преминуваа демаркационата линија и пребегнуваа на територија под Италијанска окупација, а еден дел од нив се засолнуваа во шумите во Порече. Поголем дел од луѓето кои се криеја од бугарската полиција, заради преживување и поголема безбедност се групираа и се приклучија кон групата која ја организираа пропагаторите на четничката организација. Тие во контактите со поединците при нивното приклучување во четничката група ги убедуваа дека нивна цел е да формираат поголема воена единица која ќе го заштитува населението и ќе се бори за ослободување на Порече од бугарска окупација. Поголем дел од членовите на т.н. четничка организација во Порече не беа свесни за вистинските цели на раководството на групата. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, во Западна Македонија се создадоа услови за развој на Народноослободителната борба и за зголемување на партизанските единици. Повлекувањето на Италијанските војници овозможи формирање на слободна територија во Западна Македонија на која формираните партизански единици имаа можност да дејствуваат помеѓу населението, да го запознаат со настаните во војната и да го повикаат на масовно приклучување во народноослободителната војска. Есента, 1943 година имаше прилив на голем број нови борци со што се создадоа поголеми партизански единици кои беа подготвени да преземаат и поголеми борбени дејствија и да дејствуваат на поголема територија. Покрај развојот на НОВ и ПОМ во текот на ноември 1943 година се формира и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ кој дејствуваше во правец на организирање и формирање на нови органи на народна власт и организирање на АСНОМ како највисок орган на идната народна власт на Македонскиот народ.

Во согласност со развојот на настаните Главниот штаб на НОВ и ПОМ на Македонија донесе одлука за развивање и проширување на народноослободителната борба на Македонскиот народ во сите краеви од Македонија. За таа цел есента 1943 година повеќе партизански единици навлегуваа на територијата под бугарска окупација преземајќи борбени акции, со што населението имаше можност да ја согледа силата на НОВ и ПОМ. Ваквата активност создаваше уверување и надеж кај македонскиот народ за скорешно ослободување и создавање слободна и независна Македонска држава.

Особено важно за исполнување на овие цели беше реализирањето на Февруарскиот поход, со кој беше опфатена скоро целата територија на Македонија. Една од целите на овој поход беа териториите на Азот и Порече каде дотогаш немаше видлив развој на НОД. Иако ваквата задача на Првата македонско – косовска бригада не беше во целост реализирана, сепак дел од бригадата навлезе во неколку села во Порече во кои преку несебичната помош на партизаните се согледа определбата на Поречани и силната поддршка кон Народноослободителната борба.

Се до втората половина на август, кога Петтата прилепска бригада доби задача да ја разгори народноослободителната борба, во Порече немаше поконкретни активности и вооружени дејства против бугарскиот окупатор.

Со навлегувањето на Прилепската бригада во Порече почнуваат и првите посериозни борбени акции против бугарската војска и полиција.

И покрај завршувањето на борбите во Порече, голем број Поречани се приклучија во НОВ и учествуваа во борбите против балистите кои се водеа во околината на Порече, но и во другите краеви за ослободување на Македонија. Исто така многу борци од Порече учествуваа во борбите за ослободување на Југославија на Сремскиот фронт и други делови во Хрватска, Босна и Словенија.

Со масовното учество во НОБ и со околу 195 жртви, Поречани дадоа голем придонес во НОАВ и ослободувањето на Македонија и ја потврдија определбата и заложбата за создавање на слободна и самостојна држава.

По ослободувањето и протерувањето на бугарската војска, во Порече следеше период на формирање на Народноослободителни одбори (НОО) како органи за создавање на нова народна власт.

До крајот на 1944 година во Порече се создадоа сите селски и општински НОО и околискиот НОО во Брод. Сите органи на новата народна власт се организираа и функционираа во согласност со упатствата и новите законски одредби на Президиумот на АСНОМ.

Во текот на 1945 година НОО продолжија со изградба на народната власт и организирање на животот во Порече.

Со тоа започна еден нов период од историјата на македонскиот народ и градење на ново општество во кое дел од македонскиот народ се стекна со државност но и слобода во изразувањето на македонскиот идентитет.

Најнови објави