Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2016 година го објави зборникот „Регистри на регрути и воени обврзници – Скопје (1919-1940) том I, во редакција на д-р Јасмина Дамјановска, д-р Ленина Жила и д-р Филип Петровски.
Зборникот е изработен од материјали од фондот „Градско поглаварство на Општина на град Скопје – Скопје (1918-1941) од Државниот архив на Република Македонија.
Регистрите се значајни извори на информации применливи во историската демографија, генеалогијата, историската антропологија, социјалната и економската историја, воената историја и лингвистиката. Во целост, податоците од регистрите имаат значење за интердисциплинарни истражувања за луѓето и за општеството.
Во целина првиот том од зборникот содржи четири дела.
Првиот дел го сочинуваат правилата и наредбите издадени од централните воени органи на Кралството на СХС (Кралство Југославија), кои беа објавени во „Службен воен весник“, а, исто така, и од „Градско поглаварство на Општина на град Скопје – Скопје (1918-1941)“. Правилата и наредбите се однесуваат: на начинот и промените што настануваат во текот на годините на регрутирањето на христијанското и на муслиманското машко население, родено или доселено во Скопје; на начинот на подготовката на регрутните списоци, доставувањето на списоците на родени во одредени години од христијанските и од муслиманските верски субјекти; на правилата за средношкоолците како и за студентите што се школуваат надвор од границите на Кралството на СХС итн.
Вториот дел се состои од регистрите (пополнети формулари) на регрути од град Скопје за периодот од 1919 од 1940 година. Воената обврска била задолжителна и еднаква за сите граѓани, освен за физички неспособните, кои, според тогаш важечките правила, плаќале одредена сума. Воената обврска започнувала со наполнети 20 години и траела до 46 година од животот на обврзниците. Првиот повик се однесувал на оние до 20 до 30 години, вториот – од 30 до 40 години, третиот – од 40 до 46 години и последниот од 18 до 20 години и од 46 до напонети 50 години.
Во третиот дел од зборникот влегуваат списоците на регрути од периодот меѓу 1924 и 1931 година, распределени според редовите на војската или според службите: пешадија, артилерија, коњаница, кралска гарда – пешадија, кралска гарда – коњаница, болничари, гулабарска пошта, воздухопловна команда, телеграфисти, пиротехничари итн.
Четвртиот дел е составен од репрезентативни документи што се однесуваат на конкретни дејства на органите задолжени за регрутирање, поврзани со проблеми во однос на составувањето на списоците, со семожни начини на одбегнување на регрутската обврска, со дезертерствата итн. За тешкотиите околу спроведувањето на регрутската обврска сведочи, на пример, барањето од Министерството за одбрана до Министерството за внатрешни работи да не им се издаваат пасоши на државјаните од Кралството на СХС од 21 до 31-годишна возраст што немаат никакви докази за регулирана воена обврска, или докази за својата несобност (привремена или трајна), или докази дека се на школување.
Документите се објавуваат како факсимили, со исклучок на материјалите преземени од „Службен воен весник“. Јазикот на документите е официјалниот јазик на Кралството на СХС (Кралството Југославија) – српскохрватскиот.
Следната година ќе биде објавен и втор том.