NOVOto-LOGO

Трогир – Учество на меѓународна конференција „IV – ти Денови на ИКАРУС Хрватска“

Во периодот од 14 до 16 март 2018 година, делегација од Државниот архив на Република Македонија, заедно со директорот, Кирил Петров, учествуваше на меѓународната конференција„IV-тиДенови на ИКАРУС во Хрватска“, на тема: Европски архивски пејсаж: Посегнување по нови хоризонти, која се одржа во Трогир.

Конференцијата беше организирана од ИКАРУС Хрватска, во соработка со конзорциумот ИКАРУС – Меѓународен центар за архивско истражување (ICARUS – International Centre for Archival Research, www.icar-us.eu), Државниот архив во Сплит (www.das.hr), Европскиот регионален огранок на Меѓународниот архивски совет (ЕУРБИКА) и други партнери.

ИКАРУС Хрватска e член на конзорциумот ИКАРУС и претставува непрофитна организација посветена на истражување на историското наследство, промовирање на достапноста на архивските извори по пат на информатичката технологија и развој на меѓуинституционалната и меѓународната соработка во областа на културната, научната и професионалната дејност.

На конференцијата беше претставена дејноста на ИКАРУС и неговите членови преку разновидните активности за дигитализација и заштита на пишуваното наследство во рамките на тековните проекти и програми низ Европа, вклучувајќи го и проектот co:op (Community as opportunity: the creative archives’ and users’ network), проект во чија реализација учествуваат 17 институции од 11 европски земји, а е поддржан од финансиски средства од Европската Комисија, во рамките на програмата Creative Europe.Целта на овој проект е да се зајакне и да се унапреди соработката помеѓу архивите и другите институции кои го чуваат заедничкото културно наследство и да се стимулира учеството на општата јавност.

Меѓу другите проекти кои беа претставени на конференцијата се:

– дигиталната платформа Monasterium, виртуелен архив со повеќе од 250.000 средновековни повелби, од околу 60 институции од 10 европски земји, што го прави истражувањето независно од времето и местото и го овозможува користењето на поставениот материјал во едукативни цели;

– Topotheque, on-lineплатформа со која може да администрира едно лице или институција, а на неа секој индивидуалец може да поставува фотографии и документи во дигитална форма, притоа задржувајќи го оригиналот за себе и збогатувајќи ја базата со податоци на Topotheque со скенирани фотографии или документи, кои може да бидат индексирани од страна на јавноста. Со Topotheque се овозможува пребарување по клучен збор, дата или локација. Toa е платформа која што локалниот историски материјал, во сопственост на приватни лицаго прави достапен on-line; и

-Matricula, портал кој нуди иновативен начин за пристап до црковните регистри, како непроценливи историски извори.

Во Трогир беше претставен и проектот со Европско знаменце – Time Machine (Venice Time Machine), како понова иницијатива – пионерски проект во рамките на програмата за Меѓународни дигитални хуманистички науки, промовиран од страна на ЕПФЛ (EPFL – EcolePolytechniqueFederale De Lausanne)и Универзитетот Ca’Foscariод Венеција, во 2012 година (http://vtm.epfl.ch).

На конференцијата беа презентирани и различни меѓународни теми, со нагласок на Европскиот архивски портал(Archives Portal Europe) – платформа за публикување, отворена за која било институција, каде било во светот, која што сака да сподели содржини поврзани со историјата на Европа. Порталот е линк потребен за комуникација помеѓу архивите и истражувачите во целиот свет, а работи во согласност со меѓународните стандарди за архивски метаподатоци. (www.archivesportaleurope.net; www.archivesportaleuropefoundation.eu)

На конференцијата присуствуваа околу 150 учесници од 20 европски земји.

Програмата се одвиваше на хрватски и на англиски јазик, а повеќе информации за конференцијата може да се најдат на: http://icar-us.eu/en/events и https://www.facebook.com/icarushr/.

За време на Состанокот на ИКАРУС Хрватска во Трогир беше посетен и Државниот архив во Сплит, каде што беше презентиран Архивот на географските карти од Истра и Далмација, а беше посетен и Поморскиот музеј во Сплит, Етнографскиот музеј, како и новоизградената зграда на Архивот на Сплитската жупанија, во чие што градење се применети најновите меѓународни стандарди за архивски згради.

Најнови објави