Turski dok. 9.22018logo

ТУРСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА, ПОПИСИ ОД XIX ВЕК НА ГРАДОТ ШТИП ОД 1844/45 ГОДИНА, том 9, дел 2

Во втората половина од 2018 година Државниот архив на Република Македонија го објави вториот том од деветтата книга од едицијата Турски документи за историјата на Македонија – Пописи од XIX век, во редакција на д-р Драги Ѓоргиев.

Вториот том од книгата содржи дел од пописот на населението во градот Штип од 1844/45 г., содржан во теметуат дефтерот број 11425. Тој ги опфаќа листовите од 332 до 570 од оригиналот и во него се попишани уште три маала на Штип и тоа: Варош маало, Големо Маало, кое е регистрирано како маало на Ново Село и Еврејското маало. Во маалото Варош се регистрирани вкупно 262 домаќинства сите христијански. Пописот на Големо Маало, всушност, претставува попис на селото Ново Селои на почетокот на пописот на оваа мало е запишано дека е маало на Ново Село „кое се наоѓа во непосредна близина на Штип“. Исто така и во оваа маало, односно во Ново Село, сите регистрирани жители се христијани. Еврејското маало имало 43 семејства и тоа е запишано како маало на „тајфата Евреи“.

Во овој дел од пописот, исто така, направен е попис и на лица од Штип кои имале имот и земја од кои остварувале приходи во атарот на маалото Големо Маало, односно во Ново Село. Запишани се вкупно 30 лица, од кои 28 се христијани и двајца муслимани. Последни во овој попис се попишани Ромите – муслимани кои живееле во градот, но кои немале посебно маало туку се заведени само како „Роми-муслимани кои се наоѓаат во споменатата касаба“. Бројот на нивните домаќинства изнесувал 57. Со тоа завршува овој опширен попис на градот Штип кој дава целосна претстава на демографската, економската и професионалната структура на неговите жители. Сите објаснувања и коментари во однос на преводот дадени во првата книга важат и за оваа книга.

Во врска со овој попис постои еден посебен документ кој се чува во Османлискиот архив во Истанбул од 28 октомври 1845 г. и од него се дознаваат повеќе податоци за времетраењето и начинот на кој бил направен пописот. Во овој документ се запишани имињата на писарите кои го правеле пописот, времетраењето на пописот, нивниот приход, како и трошоците направени за реализација на пописот. Вкупниот број на писари изнесувал 12 и тие биле ангажирани за попис на целата Штипска каза, односно градот и околните села. Главен писар и одговорно лице за спроведување на пописот бил писарот Осман-ефенди, кој во исто време бил одговорен и за безбедно доставување на дефтерот во Истанбул. Пет од наведените писари работеле од септември до февруари, а шест писари од ноември до февруари. Месечно добивале по 200 гроша, или за шест месеци добиле вкупно по 1200 гроша, a за четири месeци работа по 800 гроша. Осман-ефенди како одговорен за целиот попис добил 150 гроша повеќе од останатите. Ахмед-ефенди, Мустафа-ефенди и Тахир-ефенди го вршеле пописот по штипските села, а останатите писари биле задолжени за пописот во самиот град. Пописот завршил за шест месеци.

Исто така овој документ дава податоци и за материјалните трошоци што биле направени за реализирање на пописот. Така, се дознава дека во пописот биле користени два вида хартија: дебела груба хартија (batalkagıt) и тенка, квалитетна хартија (fıstıkkagıt). Други материјали кои се користеле при пописот биле мастилото и моливите. За конечно завршување на пописот биле потрошени 25 моливи и еден килограм мастило. Вкупните трошоци за овие материјали изнесувале 2.197 гроша. Од погоре наведените информации може да се заклучи дека за да се изврши пописот за казата Штип биле потребни 14.747 гроша и тоа: 12.400 гроша плата за писарите; 150 гроша додатни пари за главниот писар и 2.197 гроша за материјалите за пишување. Интересно е тоа што сите овие трошоци биле планирани да се исплатат од данокот што ќе се добиел во наредната 1845/46 г.

Овој превод на пописот на градот Штип, заедно со веќе објавените преводи за Скопје, Битола и Прилеп во рамките на гореспоменатата едиција на Државниот архив на Република Македонија, оформуваат една волуменозна целина на оригинална изворна граѓа од османлиска провениенција, која нуди извонреден досега непознат архивски материјал, преку кој можат да се вршат детални истражувања и анализи на демографската и економската состојба во Македонија во првата половина на XIX век. Тие, исто така, на убедлив начин го потврдуваат и значењето на османлиската архивска граѓа во проучувањето на македонската, но и воопшто на балканската стопанска и социјална историја. Уште повеќе ако резултатите од истражувањата на оваа граѓа се надополнуваат и компа¬рираат со податоци од извори од неосманлиска провениенција.

Најнови објави

Претставник на Државниот архив, м-р Вулнет Исени, учествуваше на меѓународна конференција посветена на историја на архивите во Општина Тузи, Република Црна Гора

Раководителот на одделението на Државниот архив од Куманово, м-р Вулнет Исени, учествуваше на V меѓународна

Дознај повеќе...
Движете нагоре