Dragi2017logo

Турски документи за историјата на Македонија – Пописи од XIX век, книга IX дел 1

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година ја објави книга IX дел 1 од едицијата Турски документи за историјата на Македонија – Пописи од XIX век,

Книгата IX дел 1 од оваа едиција содржи првиот дел од пописот на населението во градот Штип од 1844/45 г., содржан во Теметуат дефтерот број 11425. Во него е попишано целокупното градско население: муслимани, христијани, Евреи и Роми, кои во моментот на пописот живееле во градот. Како и сите други османлиски пописи на населението така и овој е правен по маала, при што во едно маало секогаш најпрво се попишувани муслиманите, потоа следувале христијаните и Евреите, а ромското население, без разлика на верската припадност, е попишано на крајот од пописот. Вака направениот попис овозможува да се добие многу точна бројка за вкупниот број на градски жители како и податоци за бројноста на секоја верска заедница посебно, со што се добива јасна претстава за демографската и верската структура на населението во Штип.

Согласно со начинот на правење на овие пописи, при попишувањето на едно семејство најпрво е регистрирано личното и татковото име на домаќинот, по што следува пописот на целокупниот движен и недвижен имот на семејството (ниви, лозја, чифлици, дуќани, анови, воденици, крупен и ситен добиток), потоа приходите што се добивале од тој имот и од професијата на домаќинот и на крајот даноците што и се плаќале на државата за остварениот приход. Доколку во семејството имало машки членови што се занимавале со одреден занает од кој остварувале приход, тогаш се запишувани и нивните имиња, потоа занаетот со кој се занимавале како и износот на приходот од тој занает. Исто така, доколку семејството имало недвижен имот надвор од градот, запишувани се селото или градот во кои се наоѓал тој имот, со напомена дека детали за имотот се запишани во пописот на тоа место. Според тоа, овој попис на Штип од 1844/45 г. освен за демографска слика на градот, исто така нуди извонредни податоци и за економската, професионалната и социјалната структура на целокупното штипско население.

Постои само една карактеристика по која овој попис се разликува од истите вакви пописи за Скопје, Битола и Прилеп. Имено, во пописот на Штип привлекуваат внимание бројните преноќишта што биле издавани под кирија од страна на муслиманското население. Уште поинтересно е тоа што тие преноќишта најчесто биле најмувани од страна на христијани. Така, во пописот можат да се избројат повеќе десетици христијански семејства што живееле под кирија кај муслимански семејства. Ова го покажува процесот на мобилност на христијанското население од селата кон градот во соодветниот период и постепената миграција на христи¬јанското рурално население кон македонските градови.

Со оглед на тоа што станува збор за навистина обемен дефтер чиј број на листови изнесува 576, од практични причини, преводот го поде¬ливме на два дела. Во оваа прва книга ги презентираме првите 320 листа, во кој се попишани вкупно девет штипски маала, со вкупно 765 муслимански и 400 христијански семејства. Во вториот дел од овој попис, кој почнува со маалото Варош, се попишани останатите градски жители и тој ќе биде презентиран во втората книга.

Пописите на населението во османлиската држава секогаш претставувале долги и сложени процеси во кои биле вклучени огромен број државни службеници. Тоа може да се препознае и во овој попис во чие пишување учествувале повеќе писари, чии различни ракописи можат да се препознаат во самиот текст. Токму затоа, овие рачно пишувани извори секогаш оставаат можност извесни зборови или кратенки во текстот да останат непрочитани или нивното читање да биде несигурно. Ваквите непрочитани места во текстот, чиј број е навистина многу мал благодарение, пред сè, на читливиот ракопис на попишувачите, се проследени со прашалник или со повеќе опции како решение. Истото е направено и со називите на селата што се споменуваат во пописот. Сите тие во преводот се дадени онака како што се запишани од попишувачите, а фуснотите со кои се проследени, содржат информации за нивната место¬положба и евентуални промени во имињата. И за неидентификуваните населби, чиј број е исто така многу мал, дадени се информации за нивната можна местоположба. Веруваме дека тие и другите неопходни објас¬нувања на правните и економските термини употребени во преводот, ќе им овозможат на сите корисници полесно да го следат и да го користат овој исклучителен историски извор за минатото на градот Штип и за неговата околина.

Најнови објави

Претставник на Државниот архив, м-р Вулнет Исени, учествуваше на меѓународна конференција посветена на историја на архивите во Општина Тузи, Република Црна Гора

Раководителот на одделението на Државниот архив од Куманово, м-р Вулнет Исени, учествуваше на V меѓународна

Дознај повеќе...
Движете нагоре