Директорот на Државниот архив на Република Македонија, г. Кирил Петров, на покана на Историскиот архив во Пожаревац од Република Србија учествуваше на Меѓународна конференција на тема: „Архивите во третиот милениум – вечни извори за историјата“, која се одржа во Пожаревац на 13 и 14 јуни 2018 година.
Оваа конференција беше организирана по повод 70 години од постоењето на Историскиот архив во Пожаревац и 7 години од првиот број на националното научно списание „Записи“ – годишно издание на Историскиот архив во Пожаревац.
На конференцијата учествуваа претставници од државните и од регионалните архиви од територијата на поранешна СФРЈ, а темите беа групирани во две сесии, односно 4 дела, под наслов: „Заштита и промоција на културното наследство“ и „Зачувана историја – темел за иднината“.
На отворањето на изложбата обраќања имаа: д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив во Пожаревац; Бојан Илиќ, градоначалник на Пожаревац; Саша Клепиќ, директор на Архивот на Босна и Херцеговина; Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија; д-р Живана Хеџбели, директор на Државниот архив на град Загреб; д-р Маријана Мраовиќ од Воениот архив при Министерството за одбрана на Република Србија и проф. д-р Ивана Крстиќ Мистриџеловиќ од Криминалистичко-полициската академија во Белград, Република Србија.
На крајот од секоја работна сесија имаше дискусии и беа усвоени заклучоци.