На 24 и 25 октомври 2016 година во Трст, Република Италија се одржа 26-тата конференцијата, насловена како „Меѓународен ден на архивите”, организирана од Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор (International Institute for Archival science of Trieste and Maribor) и Државниот архив во Трст.
На конференцијата присуствуваа 170 архивисти од 25 држави, а двете главни теми беа:
– Заштитата на податоците (приватност, чувствителни податоци и правна заштита) и
– Користењето на архивскиот материјал (научна употреба, правна употреба, изложби, публикации, конференции и сл.).
На 26-от Меѓународен ден на архивите учествуваа претставници од Италија, Словенија, Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора, Франција, Велика Британија, Белорусија, Русија, Полска, Австрија, Германија, Буркина Фасо, Сенегал, Србија, Романија, Соединетите Американски Држави, Чешка, Оман, Јужна Африка, Швајцарија, Шпанија и Словачка.
На конференцијата свое обраќање имаше и претставникот на Меѓународниот архивски совет и претседавач на експертската група за архивски згради, г. Џонатан Рис-Луис.
Претставник од Државиот архив на Република Македонија на оваа конференција беше Светлана Успрцова, раководител на Секторот за истражување, користење, публикување на архивски материјал, меѓународна соработка и автоматска обработка на податоци, којашто е член на советот на Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор. Тема на нејзиното излагање на конференцијата беше користењето на архивскиот материјал во Државниот архив на Република Македонија, со посебен осврт на издавачката дејност.
Сите излагања презентирани на конференцијата се објавени во „Атланти” списание на Меѓународниот институт за архивистика во Трст и Марибор, што се објавува од 1991 година и е посветено исклучиво на теми од областа на архивистиката.
За време на Конференцијата беа претставени производите од „BESKID”, полски бренд за производи наменети за архивите, музеите и библиотеките (www.beskidplus.com).
Учесниците на „26-от Меѓународен ден на архивите” присуствуваа и на отворањето на десеттото по ред Есенско училиште за архивистика.