NOVOto-LOGO

37-ма Конференција на Европскиот одбор на Националните архивисти, Софија – 5 јуни 2018 година

Директорот на Државниот архив на Република Македонија, г-дин Кирил Петров, на покана на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија учествуваше на 37-та Конференција на Европскиот одбор на Националните архивисти, која се одржа на 5 јуни 2018 година во Конференцискиот центар „Бојана“ во Софија.

Европскиот одбор на националните архивисти (European Board of National Archivists – EBNA), на директорите на националните архиви од Европската Унија им обезбедува форум за размена на искуствата од нивното работење, а во исто време дава можност за зголемување на соработката помеѓу институциите одговорни за чување на историјата на народите од Европа.

Состанокот на Европскиот одбор на националните архивисти се одржува секој шест месеци, а организаторите се менуваат со ротирањето на Претседателството со Советот на Европската Унија.

Државната агенција на „Архивите“ на Република Бугарија во рамките на Претседателството на Република Бугарија со Советот на Европската Унија во првото шестомесечје од 2018 година беше организатор на 37-та Конференција на Европскиот одбор на националните архивисти, на која присуствуваа директорите на националните архиви од скоро сите земји членки на Европската Унија, освен од Португалија, Грција и Кипар. На оваа Конференција покрај директорите од земјите членки на Европската Унија присуствуваа и директорите на Архивот на Босна и Херцеговина, Генералната дирекција на архивите на Албанија, Државната агенција на архивите на Косово и директорот на Државниот архив на Република Македонија.

На Конференцијата се разгледуваа актуелни теми, како што е заштитата на податоците, дигитализацијата, конзервацијата и реставрацијата на архивскиот материјал.

Во Софија, за време на Конференцијата на Европскиот одбор на националните архивисти, директорот на Државниот архив на Република Македонија, г-дин Кирил Петров, оствари средби со г-ѓа Дебора Џенкинс, претседател на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет, со г-дин Јоан Драган, директор на Националниот архив на Романија, како и повеќе неформални средби со директорите од останатите национални архиви од Европската Унија.

Најнови објави

Движете нагоре