poster_iad18

„9 јуни“ – Меѓународен ден на архивите

На 1 април секоја година, Државниот архив на Република Македонија го одбележува националниот ден на архивите. Тоа е денот на кој во 1951 година е формиран нашиот Архив.

Последниве десетина години во светот, покрај националните архивски денови се одбележува и „9 јуни“ како меѓународен ден на архивите.

9 јуни е денот на кој во 1948 година во Париз е основан Меѓународниот архивски совет.

Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) е меѓународна невладина организација, посветена на унапредување на ефективното работење со архивскиот материјал и заштита на светското архивско наследство. Оваа организација има околу 1400 членови од 199 држави и територии и остварува блиска соработка со Советот на Европа, УНЕСКО и многу други влијателни невладини организации.

На Меѓународниот ден на архивите, архивистите од целиот свет се обединуваат во промовирањето на значењето и достигнувањата во нивната професија. Овој ден е прифатен со цел да се подигне свеста за архивите и нивната важност, како и да се промовира заштитата на архивскиот материјал и слободниот пристап до истиот.

Идејата за усвојување на Меѓународен ден на архивите потекнува од многу порано, но на Конгресот на Меѓународниот архивски совет во 2004 година во Виена, Република Австрија, 2000 учесници усвоија резолуција со која бараа од Обединетите нации да усвои одбележување на Меѓународен ден на архивите.

Генералната конференција на УНЕСКО, на нејзиното 33 заседание во 2005 година, во Париз го прогласи 27 октомври како светски ден на аудиовизуелното наследство. Прогласувањето на „светски ден“ е соодветна можност за подигање на свесноста за важноста на аудиовизуелните архивски материјали и дава одредени придобивки во заштитата на овие архивски материјали, но не се само овие архивски материјали изложени на ризик. Поради тоа Меѓународниот архивски совет во ноември 2007 година, на Годишното генерално собрание во Квебек, одлучи дека Меѓународниот ден на архивите треба да се прославува на 9 јуни. Оваа одлука понатаму е прифатена од Извршниот одбор на Меѓународниот архивски совет и од архивската заедница во целиот свет.

Некој може да помисли зошто ни е потребен уште еден меѓународен ден за одбележување. Но, треба да имаме во предвид дека претставата за архивите кај јавноста е доста нејасна: честопати архивите се заменувани со библиотеките; архивските материјали се перцепираат само како документи за интерна употреба, кои се тешко достапни и се од интерес само за историчарите.

Меѓународниот ден на архивите нуди исклучителна можност за промовирање на значењето на ефективното канцелариско работење како предуслов за добро управување, транспарентност и одговорност; да се нагласи важноста од чувањето на архивскиот материјал за колективната меморија на нацијата и општеството и да се охрабрат оние членови од јавноста, кои никогаш до тогаш не го направиле тоа, да ги консултираат архивите за прв пат.

Меѓународниот архивски совет верува дека со одбележувањето на овој ден се подобрува перцепцијата што општата јавност ја има за архивите.

Архивите се дел од културното наследство на народите и водечки извор на информации. Архивското наследство е важно сведоштво за економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот развој на човештвото.

Архивскиот материјал е документарен производ од човековите активности и е незаменливо сведоштво за минатото. Архивскиот материјал го овозможува демократското функционирање на општествата, го осигурува идентитетот на индивидуите и заедниците и претставува основа за одбрана на човековите права.

Долготрајното чување на архивскиот материјал како и овозможувањето на пристап до истиот е особено важна задача за архивистите.

За својата 70-годишнина, Меѓународниот архивски совет подготви виртуелна изложба наречена „Меѓународeн архивски совет: 70 години меѓународно влијание“, со која ги прикажува своите активности од 1948 до 2018 година. Преку оваа изложба, ќе можете да се запознаете со историјата на Меѓународниот архивски совет во текот на изминатите 70 години (нејзини основачи, претседатели, генерални секретари) и со некои од неговите главни настани и главни активности во 20 и 21 век.

Честитка од г-дин Дејвид Фрикер, претседател на Меѓународниот архивски совет, по повод 9 јуни, меѓународниот ден на архивите

Најнови објави

Учество на состанок на Редакцискиот одбор на списанието на Историскиот архив на Пожаревац и работен состанок со потпретседателката на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS)

На покана на д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и уредник на

Дознај повеќе...