На 9 јуни (четврток) низ целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на архивите.
На овој ден архивистите од целиот свет се обединети во прославувањето на значењето и достигнувањата во својата професија.
Меѓународниот ден на архивите им нуди исклучителна можност на архивите од целиот свет да ја промовираат улогата на архивите како институции, да ја промовираат професијата на архивистите и значењето на архивските документи, како колективна меморија и нивната достапност за сите граѓани.
Преку одбележувањето на овој ден треба да се подигне свеста на јавноста за архивскиот материјал; работењето со истиот; чувањето и заштитата на архивскиот материјал; подобрувањето на пристапот до истиот со истовремена заштита на личните податоци; промовирање на ретките документи и создавање на подобра слика за архивските институции и нивна отвореност на глобално ниво.
Оваа година Меѓународниот ден на архивите се одбележува по деветти пат, а за првпат истиот беше прославен во 2008 година.
Меѓународниот ден на архивите како празник на архивите и архивистите низ целиот свет е прифатен на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет (неутрална и невладина организација, во која членуваат архиви од 199 држави и територии), одржано во Квебек, Канада во 2008 година.
Самиот датум “9 јуни” има симболично значење, бидејќи на тој ден во 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет под покровителство на УНЕСКО.
Мотото на годинашниот Меѓународен архивски ден е “Архиви, хармонија и пријателство”.
Државниот архив на Република Македонија како национален ден на архивите го празнува 1 април, денот на кој во 1951 година е формирана оваа институција, а во последните години го одбележува и 9 јуни, со пригодни советувања за архивските работници, презентирање на законската регулатива за архивско работење, изложби и слично.
Државниот архив на Република Македонија оваа година прослави 65 години од своето постоење.
Чинот на основање на Државниот архив претставува еден од најзначајните настани во нашата понова историја, а Архивот за Македонија и за македонскиот народ претставува изворно сведоштво за постоењето, за опстојувањето на нашиот национален идентитет, за борбата на нашиот народ за создавање на своја национална држава и за континуитетот на македонската политичка, државно-правна и национална мисла.
Една од суштинските цели на дејноста на Државниот архив на Република Македонија е да го презема и трајно да го чува јавниот архивски материјал и да обезбедува услови за негово непречено користење во јавноста.
Во претстојниот период Архивот планира интензивирање на преземањата на архивски и мемоарски материјал, по пат на откуп, подарок и депозит од приватни лица, носители на општествено-политички функции во Република Македонија, а во исто време се прават напори да се стапи во контакт со Македонците иселени во дијаспората, заради преземање на материјал со кој ќе се фрли дополнителна светлина на животот и дејствувањето на нашата политичка и економска емиграција во светот.
Како посебна активност се предвидува валоризација на целокупниот архивски материјал согласно со Законот за прогласување на културно наследство од особено значење во Република Македонија и ќе се пристапи кон избор на архивски фондови и збирки кои ќе се стекнат со статус на културно наследство.
Државниот архив е добитник на повеќе одликувања и признанија, меѓу кои државната награда “11 Октомври” во 1981 и 2001 година и признанието од 2011 година како најзначајно “Орден за заслуги за Република Македонија”, доделен од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Д-р Ѓорге Иванов.