На 9-ти август 2019 година продолжија активностите за запознавање на состојбите во одделенијата и подобрување на условите за работа на вработените во Државниот архив. Директорот на ДАРСМ, д-р Емил Крстески, придружуван од заменикот директор, д-р Музафер Бислими, од м-р Сашо Јанкуловски, државен советник и од Горан Стојковски, раководител на одделение, ги посетија одделенијата во Струмица, Штип и Куманово.
Во ДАРСМ – Одделение Струмица, раководителот на одделението, Горан Колевски ги запозна членовите на делегацијата со актуелните проблеми со кои се соочува ова одделение и со потребата од санација и евентуално проширување на депото. Директорот Крстески беше запознат со работата на одделението во сите сегменти, а стана збор и за потребата од техничко доопремување на ова Одделение.
Делегацијата на ДАРСМ, предводена од директорот д-р Емил Крстески направи увид и во работата на Одделението Штип, каде што се сретна и разговараше со в.д. раководителката, Нада Крстевска. На средбата таа ја презентираше работата и функционирањето на архивот во Штип, при што се констатираа одредени слабости, главно од техничка природа. Притоа беше донесен заклучок дека е потребна санација на одредени делови од просториите во депото, за што Централниот дел на ДАРСМ вети дека ќе даде поддршка.
Истиот ден, беше посетено и одделението во Куманово, каде што делегацијата се запозна со вработените и со целосната слика за неговата функција и надлежност. Раководителот на одделението, Вулнет Исени, информираше за исполнувањето на годишната програма за работа, за координацијата со имателите на архивски и документарен материјал, како и за покриеноста на шесте општините, што се во надлежност на ова одделение.