Во рамките на активностите за запознавање на состојбите во одделенијата и подобрување на условите за работа на вработените во Државниот архив на Република Северна Македонија, директорот на ДАРСМ, д-р Емил Крстески, придружуван од заменикот директор, д-р Музафер Бислими, од м-р Сашо Јанкуловски, државен советник и од м-р Емилија Роп, раководител на одделение, на 8-ми август 2019 година ги посетија нашите одделенија во Тетово и во Охрид.
На средбата во Тетово, раководителот на одделението на ДАРСМ, м-р Младен Матовски ги запозна членовите на делегацијата со актуелните проблеми со кои се соочува ова одделение и со потребата од негово технолошко доопремување. Директорот Крстески вети дека ќе се заложи одделението во Тетово во најскоро време да се опреми со нови компјутери, печатачи и скенер апарат и дека итно ќе преземе мерки за санирање на оштетените делови на архивските депоа и на санитарните делови од архивската зграда, со што значително треба да се подобрат условите за работа и за нормално функционирање на ДАРСМ – Одделение Тетово.
Делегацијата на ДАРСМ, предводена од директорот д-р Емил Крстески во охридското одделение се сретна и разговараше и со в.д. раководителката Славица Јанковска, која детално ги прикажа работата и функционирањето на архивот во Охрид, како и потребите од негово техничко доопремување. Архивот во Охрид доби ветување дека ДАРСМ ќе излезе во пресрет на нивните барања, заради подобрување на условите за работа, како и за поголема транспарентност и ефикасност при давањето услуги на граѓаните. ДАРСМ – Одделение Охрид има широк опсег на давање услуги на корисниците на архивскиот материјал и со сериозен ангажман води грижа за имателите кои се во негова надлежност во општините: Струга, Кичево, Дебар, Вевчани, Дебарца, Жупа и др.