LogoDimitarVlahov2018

„Димитар Влахов“ од едицијата Македонски дејци

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на јуни 2018 година ја објави монографијата со наслов „Димитар Влахов“ изработена во рамките на едицијата Македонски дејци, која е посветена на една комплексна личност со многу богата животна историја. Припадник на националноослободителното движење, левичар и комунист, национален деец и интернационалист, Димитар Влахов беше човек кој со децении ќе биде мигрант и државјанин на неколку држави. За него Османлиската Империја беше држава во која се родил во 1878 и го поминал своето детство и раните младешки години, Царска Бугарија престојувалиште и место на живеење каде што се дообразувал, политички доизградувал и извршувал различни државни функции од учител до конзуларен претставник, и на крај асномска Македонија како негова вистинска татковина, конечно и природно гнездо во кое ќе ги одживее последните години од својот живот (1944-1953) како функционер и општествен деец. Меѓупросторот на овие негови татковини ќе го исполнуваат градовите низ Швајцарија, Германија, Франција, Австрија, Русија и др., каде што стекнувал образование и животно искуство, учел јазици, пишувал и објавувал многубројни статии и трудови, држел говори и учествувал во социјалните, националните и антифашистичките манифестации на балканската и европската историска сцена. Човек со пребогата биографија, кој зборувал и пишувал на турски, германски, француски, бугарски, грчки јазик, образован и интелигентен, Димитар Влахов од првите социјадемократски протести во Солун како пратеник во османлискиот парламент, стигнал до потпретседател на АВНОЈ и потпретседател на Народното собрание на ФНРЈ, изодувајќи пат од борец против феудалниот деспотизам до идолопоклоник на Јосип Броз – Тито.

Тешко е да се пишува монографија за една комплексна личност каква што е Димитар Влахов. Ова е прв обид во нашата историографија да осветлиме поголем дел од неговиот пат на револуционер и општествен деец. За да се исцрпи сето она што е дел од неговата дејност и живот, потребен е тим на историчари и повеќетомно издание. Сепак, прифаќајќи голем ризик и предизвик, се обидов да го претставам Влахов во најважните сегменти, следејќи ја неговата револуционерна дејност во постојан обид да го одделам она што е суштинско во неговото дејствување од многуте споредни колосеци. Неговата личност е прикажана во рамките на историското време, низ настаните во кои учествувал и организациите во кои членувал или соработувал, кое, пак, од своја страна бараше и кусо дообјаснување на нивните основни белези.

Акцентот е ставен на неколку главни пунктови и фази од неговиот живот: потеклото, вклучувањето во националноослободителното движење, прифаќањето на социјалистичките и потоа и комунистичките идеи, општествената активност како деец на Народната федеративна партија и пратеник во османлискиот парламент, учесник во преговорите за потпи¬шување на Мајскиот манифест, еден од основопо¬ложниците и раководителите на ВМРО (Об.), комунист и активист на БКП, Комин¬терната и КПМ, антифашист и висок функционер во авнојска Југославија, публицист кој зад себе остави огромно пишувано наследство на различни теми. Сето ова се случува во едно силно згуснато историско време, исполнето со многу настани и пресврти во кои тој бил, во најголем дел, или учесник или сведок. За тоа, впрочем, зборуваат неговите Мемоари, кои стигаат до средината на 30-тите години на 20. век, пребогати со личности и настани, но кои, за жал, се напишани по повеќе децении од сите случувања, така што во најголем дел можат да се користат како секундарен историски извор.

Димитар Влахов го чекори својот пат во постојано барање и пронаоѓање излез од безизлезот на неговиот живот и животот на Македонецот роден и разнебитен во срцето на Балканот, на линијата на огнот на големите и моќните држави, на нивните големи политики и двојни аршини со кои се крои судбината на народите и картата на Европа при крајот на 19. и првите децении на 20. век. Влахов ја осознава Европа низ двете нејзини лица. Првото лице на творец на балканизацијата, која заради стратегиските интереси ќе ја сервира во дози и секогаш доволно за да го распламти огнот на „големите идеи“ на малите балкански народи. Димитар Влахов беше отворен за сите идејни и политички веења, но кај него, до крајот на животот остануваат неколку константни идеи: комунизмот сфатен како идеја за интерна¬ционално братство на поробените народи и работни маси според комунистичката терми¬нологија, идејата за сесловенско братство, односно обединување на сите словенски народи и проблемот на обединувањето на македонскиот народ во една засебна државна единица во рамките на поширока балканска федерација.

Се надеваме дека оваа прва монографија за Димитар Влахов ќе побуди и натамошни истражувања за многу од прашањата и темите што ги надминуваа рамките на еден ваков вид историографски труд.

Најнови објави