Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2018 година го објави зборникот „Документи за Македонија од просветно-политичкото одделение при Министерството за надворешни работи на Кралството Србија (1891-1898)“ во редакција на проф. д-р Силвана Сидоровска-Чуповска.
За првпат во овој зборник пред научната јавност ќе бидат презентирани и документи кои се поврзани со проблемот за сопственоста на црквата „Св. Никола“ во Куманово. Судирите помеѓу егзархистите и патријаршистите во градот ескалирале на почетокот од 1898 година, кога за нивното помирување било интервенирано и од Портата и султанот. Од страна на српската влада покрај конзуларниот претставник во Скопје бил ангажиран и Стојан Новаковиќ, вршител на функцијата кралски пратеник во Цариград.
Документите објавени во зборникот ги опфаќаат периодите од 1891 до 1893 и од 1897 до 1898 година. Во најголемиот број од селектираните документи за периодот 1891 до 1893 година се опфатени извештаи и писма кои се однесуваат на работата на српската просветна пропаганда, и обидите за нејзиното успешно инсталирање преку спроведување на насоките добивани од Министерството за надворешни работи. Тоа најчесто се правело преку учителскиот кадар и привлекувањето ученици од Македонија за школување во образовните институции во Кралството Србија. До 1891 година српската пропаганда во Македонија била финансирана од благајните на Друштвото „Свети Сава“, Министерството за просвета и на Министерството за надворешни работи. Во координација со отворањето училишта во Македонија била и дејноста на главниот одбор на Друштвото во Белград со отворањето на двете училишта, Светосавското вечерно училиште и Светосавското подготвително училиште. Првото училиште имало задача да ја шири писменоста меѓу момчињата и возрасните од Македонија и Стара Србија, а второто да подготвува учителски кадар. Во второво училиште пристапувале ученици со успешно завршено Светосавско вечерно училиште.
Во документите се следи и работата на српскиот конзулат во Битола преку активностите на конзулот Димитар Боди во отворањето на српските училишта во Битолскиот Вилает. Дејноста на грчката пропаганда во вилаетот била следена и преку извештаи и писма праќани од секретарот на конзулатот, Бранислав Нушиќ. За препреките на кои наидувале конзуларните претставници при отворањето на српските училишта често било известувано и кралското претставништво во Цариград. Слични извештаи биле праќани од српскиот конзулат во Скопје со барања и за поголеми финансиски средства за поуспешно дејствување и во реоните надвор од конзулатот, како што бил градот Велес и неговата околина.
Преведените документи за периодот 1897-1898 година најмногу содржат извештаи и писма праќани од конзуларните претставници во Скопје, Битола, Солун и Цариград. Ставајќи акцент на просветата, српската пропаганда била особено активна на територијата од Косовскиот Вилает за што говорат и извештаите праќани од тогашниот конзул во Скопје, Михајло Ристиќ. Голем интерес постоел и за градот Велес и за поголемите села во Велешката Каза, кои според тогашната административна поделба влегувале во состав на Солунскиот Вилает. Бидејќи се наидувало на опструкции од тогашниот грчки митрополит Антим, скоро секојдневно биле праќани писма и од Министерството за надворешни работи на Кралството Србија во кои се барало следење на неговата активност.
Низ целиот 19 век Македонија, со помал или поголем интензитет, го привлекувала вниманието на српските политички кругови. Зголемениот интерес особено се актуализирал по завршувањето на Источната криза, кога повторно се почнало со подготовки за продолжување на просветната пропагандна дејност во Македонија. Пречки во дејствувањето на просветно-пропаганден план, српската пропаганда имала од грчката и бугарската пропаганда, кои својата легалност пред османлиските власти ја потврдувале преку своите признати цркви, Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија.
Српската пропаганда во реализирање на своите аспирации секогаш барала нови патишта и начини во пропагандното дејствување во Македонија. Меѓутоа, без црковна организација која можела слободно да дејствува во границите на Османлиската Империја, за својата легална дејност имала само два алтернативни патишта: работа под закрила на Цариградската патријаршија, која во тоа време била сè повеќе потиснувана од Бугарската егзархија, и втората алтернатива за легално дејствување во Македонија, преку непосредно одобрение од Портата и локалните османлиски власти. За да бидат поуспешни нејзините чекори кај Цариградската патријаршија и кај Портата, српската влада морала да има поддршка и од некоја голема сила. Со оглед на политиката на големите сили спрема Османлиската Империја и на нивното влијание во Цариград, Србија единствено можела споменатата поддршка да ја бара од Русија, се разбира, во констелација на заемните односи на политички план, што српската дипломатија успешно и го користела. Во барањето поддршка од некоја од западните европски држави на политичките кругови во Кралството Србија им било сосема јасно дека таа зависела од постојаната политичка ситуација во Европа, на Балканот и во Османлиската Империја, како и од други политички фактори. Македонија во периодот 1885-1898 година сè повеќе им го привлекувала вниманието на државниците, политичарите и на јавноста во Србија.
Во изборот на документи се надеваме дека ќе наидат на интерес и оние што се однесуваат на успехот и на дисциплината на ученици од Македонија кои се школувале во просветните институции во Белград, Шабац и Ваљево. Во зборникот се преведени вкупно 159 документи а оригиналот е во ракопис.
Документите кои за првпат се објавени во овој зборник, ќе наидат на интерес кај научната и, секако, кај пошироката јавност.