Arhiv Josip Broz - LOGO

ДРЖАВНИОТ АРХИВ ГО ОБЈАВИ ЗБОРНИКОТ „АРХИВ НА ЈОСИП БРОЗ ТИТО – ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА (1970 – 1980)“

Во третата книга од проектот „Архив на Јосип Броз Тито – документи за Македонија (1970 – 1980)“ од д-р Новица Велјаноски се објавени 99 документи од фондот „Кабинет на претседателот на Републиката (КПР)“ од периодот 1970 – 1980 година, кои се чуваат во Архивот на Југославија во Белград. Документите што се избрани во книгата, всушност, се создавани за време на последните десет години од животот и работата на Јосип Броз Тито. Токму затоа се многу значајни бидејќи тие се создавани во мошне специфични внатрешнополитички и надворешнополитички услови.

Критериумите според кои се раководел редакторот при изборот на документите се истите како и при изборот на документите во двете книги претходно. Избрани се оние документи кои имаат вредност за науката, пред сè на историската и, главно, оние кои се однесуваат на Македонија бидејќи таа била составен дел на југословенската федерација. СР Македонија граничела со три важни балкански соседи на СФР Југославија со кои односите биле деликатни најмногу поради актуелноста на македонското прашање. Антилибералистичкиот удар од 1973 година во СР Македонија и колебањето на Јосип Броз Тито меѓу цврстата и дезинтегрираната федерација се прикажани преку документите кои расветлуваат некои аспекти од нашата понова национална историја.

Со цел да овозможи полесен пристап во користење на објавените документи, редакторот направил кус осврт на севкупниот југословенски внатрешнополитички и надворешнополитички амбиент во овие последни десетина години во кои се создавани документите.

Избраните документи ја прикажуваат потребата на Јосип Броз Тито за постојана информираност во врска со работата на централните органи на власта во федерацијата и за партиските активности во републиките. Ги опфаќаат состојбите на внатрешнополитички план, како борбата за самоуправување во сите сегменти на општеството и доминантната улога на Сојузот на комунистите, а на надворешнополитички план борбата за афирмација на движењето на неврзаните и односите со соседите. Уставните промени, идејата за здружен труд на Едвард Кардељ и неговата улога во распадот на Југославија, крајот на државниот централизам, заговарањето на воведување слободна економија на единствениот југословенски пазар, националното прашање во Југославија се тема на дел од избраните документи во овој том.

Најнови објави