LogoLerinsko tom II kniga 2

ДРЖАВНИОТ АРХИВ ГО ОБЈАВИ ЗБОРНИКОТ „ХРОНИКИ НА СЕЛАТА ВО ЛЕРИНСКО ТОМ 2, КНИГА 2“ ОД Д-Р КАТЕРИНА МИРЧЕВСКА, Д-Р ДИМИТАР ЉОРОВСКИ, Д-Р ЉУБИЦА ЈАНЧЕВА

Ова издание претставува продолжение на зборникот „Хроники на селата во Костурско“, том 1, книга 1 и 2, објавен во рамките на издавачката дејност на Државниот архив на Република Македонија во 2018 година, како дел од проектот „Хроники на населените места во делот на Македонија во Грција“. Богатството податоци сместени во големата збирка хроники депонирани во Документационото одделение „Д-р Велимир Брезовски“ во Институтот за национална историја во Скопје, што всушност и го иницираа почнувањето на посочениот проект, доведоа до подготовка на овој зборник на орални историски извори, кој вклучува хроники на селата во Леринската Област, кои по својата бројност, заедно со материјалите посветени на костурските села, го сочинуваат најголемиот дел од оваа архивска збирка.

Зборникот документи „Хроники на селата во Леринско“, означен како том 2 книга 2, содржи хроники на 23 села во Леринско, поделени во две книги при што втората опфаќа 13 хроники, селектирани и технички обработени од редакторите. Хрониките се подредени според азбучниот редослед на имињата на населените места, а на крајот на секој текст е посочена и оригиналната сигнатура под која секој документ е поединечно заведен во Документационото одделение на ИНИ.

Со оглед на тоа што хрониките изобилуваат со податоци добиени врз основа на усни искажувања на лични, посредни и пренесени колективни сеќавања од локален карактер на интервјуираните поединци што го опфаќаат периодот од почетоците на преродбата во османлиска Македонија во втората половина на 19 век до крајот на Граѓанската војна во Грција во 1949 година и ова издание вклучува вовед во кој е даден кус историографски осврт на настаните што се случиле во опфатената историска рамка.

Најнови објави