Во рамки на проектот ”Македонија во странскиот печат” финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија објавен е вториот том од главните редактори д-р Теон Џинго, д-р Филип Петровски и редактор Игор Сотиров.
Во фаза на потготовка на зборникот “Македонија во странскиот печат” том II реализирани се научноистражувачки престои во десетина библиотеки во балканските, европските и светските држави, со единствена цел да се пронајдат текстови од дневниот и од неделниот печат што се осврнуваат на Македонија и на македонското прашање во периодот од втората половина на XIX век до прогласувањето на независноста на Република Македонија.
Во ова издание се присутни текстови од шест држави: Австрија (Австро-Унгарија), Германија, Италија, Србија, Хрватска и Франција. Државите се подредени по азбучен ред, а текстовите се подредени хронолошки односно според датумот на нивното објавување. Редакторите на едно место пренеле дел од најзначајните материјали што ги пронајде тимот на научници, преку една селекција која подеднакво ги претставува печатените медиуми во секоја од државите.
Како и во првиот том, на левите странци од изданието е прикажан скениран примерок од оригиналниот текст, а на десната страна се наоѓа преводот, со единствена цел да се создадат услови за уникатна можност за споредба на оригиналот со преводот. Сите материјали што беа обезбедени во текот на истражувачкиот процес се депонирани во Државниот архив на Република Северна Македонија со цел актуелната и идните генерации научници да имаат достапна колекција на текстови што ја третираат оваа проблематика.
Овој труд редакторите им го посветуваат на бројните генерации Македонци од минатото за кои не постоеше компромис во однос на Македонија и македонското прашање како и на сегашните и на идните генерации да им биде патоказ кон предизвиците со кои ќе мора да се соочат во сегашноста и иднината.
Со поддршка на Министерството за култура и реализација на проектот, се пополнија празнини во архивските фондови и научниците имаа можност да се запознаат со материјали од соодветната област. Проектот “Македонија во странскиот печат” има за цел да ја запознае македонската јавност со општата слика за Македонија кон крајот од 19 век и почетокот на 20 век во статиите на странските гласила.