“Македонија во документите на ЦИА” претставува истражување и избор на особено важна декласифицирана документација на разузнавачките служби на САД за Македонија, кои се наоѓаат во Централна разузнавачка агенција – ЦИА (Central Intelligence Agency – CIA), а се објавени на нејзината интернет страница: https://www.cia.gov/library/readingroom/. Редакторот имал можност да спроведе иницијални истражувања на необјавувани документи поврзани со историјата на Македонија, кои се депонирани во Националниот архив на САД и во Конгресната библиотека во Вашингтон како и во Военоисторискиот институт на Армијата на САД во Карлисл, Пенсилванија.
Првиот том започнува со документот на Канцеларијата за стратегиски служби (ОСС) за појдовните интереси на САД за разузнавање во Македонија од 6 декември 1944 година како воведен документ за почетните активности и интереси на разузнавачките служби на САД спрема Македонија и Македонците. Канцеларијата за стратегиски служби на САД, од која подоцна е создадена ЦИА, во наведениот документ ги анализира аспектите на создавањето на македонската држава, националната посебност на Македонците и комплексноста на македонското прашање. Всушност, првиот документ во едицијата востановува своевидна рамка за државноста на Македонија и националната посебност на Македонците во која рамка ќе се движат сите понатамошни дејствувања на разузнавачките служби на САД. Тој документ е поместен во делот 1 од првиот том. Во првиот том како дел 2 се објавени документи на Централната разузнавaчка група (ЦИГ) именувани според терминологијата на ЦИА од 1946 до трансформирањето на Централната разузнавачка група во ЦИА заклучно со април 1948 година. Во делот 3 од првиот том се објавени документите на ЦИА од 1948 година до 1950 година.
Во том 1 на едицијата се објавени вкупно 186 документи хронолошки подредени, со различни форми и содржини, кои на јавноста ѝ овозможуваат да стекне сознанија и да изврши увид во начинот и методите на функционирањето на ЦИА, која уште од своето формирање имала голем интерес за дејствување во Македонија. Примарен интерес во изборот на документите за оваа едиција е спомнувањето на Македонија и на Македонците во истражувањата и анализите, разузнавачките извештаи, информативните извештаи, специјалните извештаи, проценките и белешките, билтените, меморандумите и дневните и неделните прегледи на отворените извори и другите документи на ЦИА, честопати степенувани и како најдоверливи односно како врвна тајна (TOP SECRET).
Документите што ги објавуваме во факсимил се дадени изворно со назнака на интернет страницата под кои се достапни во електронската архива на ЦИА и датумот на последна проверка.
Истражените документи од архивата на ЦИА претставуваат значаен материјал за македонската историска наука и особено важна научна аргументација за справување со предизвиците во надворешната политика. Имајќи ја предвид важноста на сведоштвата на американските разузнавачки служби за Македонците ги објавуваме документите во факсимили со превод и коментари на македонски јазик во двотомната едиција „Македонија во документите на ЦИА“.