PetarMandzukovLogo2019

Државниот архив на Република Северна Македонија го објави зборникот “Петар Манџуков (1878-1966) Анархист и критичар на едно современие-Публикации и писма”, редактор д-р Македонка Митрова

Петар Манџуков родум од с.Мирковци, Скопско е особена интересна историска личност затоа што бил сведок и истовремено директен учесник во многу историски настани во конкретното време. Тој бил македонски револуционер и анархист, длабок мислител, страсен полемичар, голем хуманист и балкански пацифист Поаѓајки од интересот на редакторот за делувањето на Манџуков после солунските атентати, за време на балканските војни, Првата и Втората светска војна како и за неговиот живот после формирањето на Народна Република Македонија настана оваа книга. Редакторот дава и објаснување како се изградил анархистичкиот светоглед на Манџуков под влијание на пишаните дела на Прудон, Бакунин и Кропоткин. Иако бил општествено активен во Бугарија во текот на поголемиот дел од својот живот интересот кај Манџуков за својата родна земја е континуирано присутен во неговите пишувања. Значаен показател за оваа констатација е фактот што сите негови записи и мемоарски пишувања започнале откако се создала македонската држава како посебна република во рамките на југословенската федерација.

Со обработката на „Личниот фонд на Петар Манџуков“ од Државниот архив кој покрај публикациите на Манџуков содржи негова обемна кореспонденција со разни македонски и бугарски општественици, произлезе идејата за правење нивна селекција.

Зборникот претставува прва досега објавена книга на документи низ која се открива животот на овој истакнат анархист и револуционерен деец, на неговите алагања во однос на тоа како треба да изгледа едно праведно и солидарно човечко општество. Всушност, Зборникот претставува расветлување и дополнување на севкупната животна дејност на Петар Манџуков. Тој се состои од два дела. Во првиот дел се презентирани неговите следни публикации/писанија: Куси животописни белешки, Детство, Поглед во минатото – Скопје, Богомилството, Ада-Кале (Спомени) и Правила за животот. Во овој дел се вклучени и два записа за него од неговиот близок пријател д-р Константин Кантарев со следните наслови: Бледи спомени за Петар Манџуков и Надгробно слово за Петар Манџуков. Вториот дел од Зборникот се состои од 80 писма. Во него е опфатена кореспонденцијата на П. Манџуков со: Павел Шатев, Симеон Радев, Константин Кантарев, Анастас Митрев и Алексо Мартулков, патријархот Кирил, Митко Зафировски, Краљо Кајсторов и Краљо Марикевски како и едно писмо со неговиот пријател Стефан Хаџиев.

Овој Зборник на архивската граѓа излегува по повод 140-годишнината од раѓањето на Петар Манџуков. Документите во Зборникот се хронолошки подредени според времето на нивното создавање. Текстовите се преведени од бугарски на македонски јазик, а помал број има и на кодифициран македонски јазик и на локален говор од Скопска Црна Гора. Текстовите се изворно пренесени, без никаква интервенција. Секој документ има број и редакциски наслов според неговата тематика, (исклучок се неговите публикации коишто имаат свои наслови) како и белешки (фусноти), со потребно соодветно објаснување, прецизирање или дополнување.

Преку овој Зборник, Манџуков го добива своето заслужено место во македонското општество преку целосното обелоденување на неговата богата мисла во оваа публикација.

Најнови објави