На 7 септември 2018 година Државниот архив на Република Македонија ја отвори изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914-1918)“, во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите.
Покровител на настанот беше господин Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија.
Целта на изложбата е да се потсетиме на Првата светска војна, како значаен настан од нашето минато, и да се долови духот на тоа време за да не дозволиме никогаш повеќе да се вратат ужасите на кои нашите предци биле сведоци, а многу од нив го дале и својот живот.
Изложбата е посветена на 100-годишниот јубилеј од завршувањето на Првата светска војна и се состои од 60 паноа, на кои се прикажани речиси 500 документи и фотографии од архивските фондови во Државниот архив на Република Македонија, предмети и оригинални документи од фондот на браќата Манаки од Државниот архив на РМ – Одделение Битола и оригинални предмети односно оружје користено во Првата светска војна, кое денес се чува како музејски експонат во Воениот музеј на Република Македонија. Документите прикажани на изложбата го отсликуваат карактерот и функционирањето на власта за време на војната како и секојдневниот живот за време на Големата војна.
Директорот на Државниот архив Кирил Петров посочи дека изложбата е резултат на желбата 100 години подоцна да му се оддаде почит на малиот човек во Големата војна, а неговата жртва да не се заборави и да не се избрише.
– Со оваа изложба ги оживуваме сеќавањата на Големата војна погледната низ очите на мажите, најчесто војници, без разлика на возраста, професијата, верската припадност и местото на живеење, но и на жените, кои си ја заменија улогата со мажите станувајќи глава на семејството. Преку изложбата навлегуваме во животот на военото и цивилното население пред војната и за време на војната, во нивните желби и надежи, стравови, очекувања и во нивните лични трагедии. Македонија во Големата војна дала многу жртви, а најголемата е обичниот, малиот човек.
Државниот архив со изложбата се обиде да им оддаде достоинствена почит на сите жртви. Со оваа изложба им се поклонуваме на сите жртви и порачуваме дека „Никој не е заборавен“, рече Петров.
Пред присутните гости се обрати и Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев.
– Во 1918 г. Заврши големата војна која што ја промени историјата, која ја смени картата на Европа и ги допрe сите аспекти на животот на луѓето кои беа зафатени од војната. Сто години подоцна, ги нема веќе непосредните сведоци на овие настани, но колективното сеќавање на овој светски вооружен судир, во кој Македонија е забележана како фронтовска линија и окупирана територија, сè уште е живо.
Во отсуство на своја држава, Македонците и другите жители на овие простори беа мобилизирани во армиските состави на Србија, Бугарија и Грција и активно учествуваа во Македонскиот (Солунскиот) фронт. Од есента 1915 до септември 1918 г. на Македонскиот фронт се судираа речиси еден милион војници од десетина различни армии. Оваа година одбележуваме стогодишнина од крајот на Големата војна, и се сеќаваме на храброста на оние кои се бореа, живееја и умреа, но и на страдањата на сите луѓе кои беа погодени од војната на каков било начин. Сеќавањето за нив е најголемата почит што можеме да им ја оддадеме.
Изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна 1914-1918“ нè потсетува дека секој човечки живот е апсолутно важен. Преку сеќавањето на Големата војна ние не им оддаваме почит само на македонските војници, без разлика на која страна се бореле. Им оддаваме почит и на сите други војници, независно каква униформа носеле. Денес, во ова модерно и демократско време, скапоцена и вредна ни е државата за која заеднички се изборивме во Втората светска војна, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
На присутните им се обрати и авторката на изложбата д-р Јасмина Дамјановска, која нагласи дека било тешко да се направи избор што да се прикаже од многуте фотографии, заповеди, наредби, молби, споменици, извештаи, програми, беседи, благодарници, војнички писма и др. и изрази надеж дека посетителите ќе го видат малиот човек во Големата војна онака како што го видела таа.
Настанот беше збогатен со настапот на учениците од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“: Химната на Република Македонија на отворањето во изведба на Ева Живковска, дуото виолини – Лара Крстеска и Софија Милошевиќ, Софија Мирческа на хармоника со делото „Откровение“ од Сергеј Војтенко, балетска група со неколку точки и солистичка вокална изведба на традиционални песни и ора во придружба на народни инструменти.
Директорот им додели благодарници на најзаслужните архивски работници.
Предметите и оригиналните документи од Одделението Битола и од Воениот Музеј беа изложени само на денот отворањето, а другиот дел од изложбата ќе биде поставен до 21 септември 2018 година во Македонската академија на науките и уметностите.
Видео од изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914-1918)“
Соработка со Историскиот архив на Европската Унија
Во рамките на 34. Конференција – Меѓународни архивски денови 2024 година, организирана од Меѓународниот институт