LogoMakAvstDoku1914-1918

МАКЕДОНИЈА ВО АВСТРИСКИТЕ ДОКУМЕНТИ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА (1914-1918)

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2018 година го објави зборникот „Македонија во австриските документи во Првата светска војна (1914 – 1918)“ во редакција на д-р Ѓорѓи Стојчевски.

Материјалот главно се состои од телеграми (обични, шифрирани, тајни, строго тајни, доверливи, строго доверливи), извештаи, резимеа, состави, компилации и сличен вид воени шифрирани и нешифрирани акти. Тие се праќани главно телеграфски од старешините и воопшто од командните лица со војската на теренот, до Врховната команда на армијата (ВКА) во Виена. Во материјалот се наоѓаат и легенди за составот на силите на Антантата што доаѓаат преку Солунското пристаниште на Македонскиот фронт, а дел од нив се праќаат за Македонија. Една од карактеристиките на материјалот е ставот на австроунгарскиот офицерски кадар спрема бугарските офицери и воопшто трупите, кои немаат многу доверба во нив и ги сметаат за не многу сигурни во извршување на задачите во борбата.

Кон документите често се приклучени и воени карти, што сепак претставува една од карактеристиките на материјалот на истражуваниот фонд, а голем дел од него содржи извештаи од воените аташеи кај балканските држави, кои ги претставуваат резултатите од из¬видничките единици и воздушните разуз¬на¬вачки акции на австроун-гарските трупи во Македонија.

Во врска со Првата светска војна во Македонија и во европски и светски рамки е работено на оваа проблематика од повеќе автори и проблематиката била предмет и на многу национални и меѓународни научни средби и симпозиуми.

За Првата светска војна постои поскромна литература во македонски рамки, што е разбирливо со оглед на расположливите извори и можностите за истражување на оваа проблематика во изминатиот период. Но затоа, пак, создадена е обемна литература во светски рамки, а и кај нас досега на оваа проблематика ѝ е посветено нужното и задолжителното внимание. Таа е обработувана и е претставена од повеќе автори на повеќе национални и меѓународни научни средби и симпозиуми. Врз основа на потребите за нови сведоштва за Првата светска војна и потребата и од архивски аспект да се одбележи Првата светска војна и јубилејот „100 години од Првата светска војна“, Државниот архив на Република Македонија го објавува овој зборник со австриски документи за случувањата главно на територијата на денешна Република Македонија во текот на Првата светска војна. На тој начин го дава својот придонес кон документирањето на овој светски настан, една голема човечка несреќа и катастрофа, како загуба на човечки животи и материјални добра на територијата на Македонија така и на човечки животи и материјален потенцијал во европски и светски размери.

Првата светска војна е период кога македонскиот народ бил подложен на нови окупации, воени разорувања и делби. Србија присилно регрутирала 53.000 Македонци, Бугарија 33.000, а Грција 20.000. Четничките акции и воените судири за Македонија помеѓу Србија и Грција кои биле на страната на Антантата, и Бугарија на страната на Централните сили, а особено големите воени операции на Македонскиот фронт, предизвикале тешки последици за македонскиот народ.

Во однос на Македонија, треба да се обележи дека Првата светска војна довела до тогашно повторно актуализирање на прашањето за Македонија, со тоа што, со цел да привлечат во својот табор што поголем број држави, и двата блока вниманието на Балканот го сконцентрирале врз Бугарија. Бидејќи главниот проблем во односите меѓу балканските држави билo кому да му припадне Македонија, тоа прашање повторно избило на прво место во европските дипломатски комбинации.

Првата светска војна била империјалистичка, затоа што Централните сили, а пред сè Германија и Австро-Унгарија, воделе борба за нова поделба на светот, за колонии и пазари и воспоставување свое владеење во светот. Силите на Антантата сакале не само да ги зачуваат своите колонии туку и да ги прошират и да ја зацврстат својата доминација.

Секако дека поводот за истражувањето на архивскиот материјал за Првата свет-ска војна е и историскиот јубилеј – 100 години од Првата светска војна, во кој македонскиот народ и Македонија како географски, стратешки, а во овој случај и борбен, директно фронтовски простор, имала значајна улога во одигрувањето на настаните. Сметаме дека наведениве факти претставуваат сериозна основа за ангажман на Државниот архив на Република Македонија во врска со овој светски настан.

При објавувањето на материјалот во овој зборник се користени стандардните методи за објавување на архивскиот материјал, соодветен научен апа¬рат и е консултирана литература за Првата светска војна.

Поаѓајќи од значењето на приредените документи, се надеваме дека со објавувањето на овој зборник документи на македонски јазик ќе им овозможиме на научните работници од повеќе области (историчари, правници, политиколози, магистранти, докторанти) како и на дипломатите и на политичарите да ги користат драгоцените податоци и сведоштва за Првата светска војна преку материјалот на Австро-Унгарија, за да се запознаат со Солунскиот и Македонскиот фронт како и со битките што во Првата светска војна се воделе на просторот на Македонија.

Најнови објави

Претставник на Државниот архив, м-р Вулнет Исени, учествуваше на меѓународна конференција посветена на историја на архивите во Општина Тузи, Република Црна Гора

Раководителот на одделението на Државниот архив од Куманово, м-р Вулнет Исени, учествуваше на V меѓународна

Дознај повеќе...
Движете нагоре