Државниот архив на Република Македонија на 7 декември 2018 година, во Националната установа „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“, ја отвори изложбата „Архивите – ризници на спомени“.
На отворањето на изложбата на присутните им се обратија: г. Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија, д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија и Н.Е. г-дин Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Република Македонија.
Изложбата е изработена од страна на Архивот на Република Словенија, со поддршка од Министерството за култура на Република Словенија и во соработка со уште девет словенечки архиви, коишто чуваат околу 75 километри архивски материјал, исклучително богатство од пишуваното културно наследство.
Изложбата е отворена во Скопје, како резултат на добрата соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Архивот на Република Словенија и нивниот договор за меѓусебна соработка, потпишан уште во мај 1998 година.
Изложбата не е класична тематска изложба и во неа не станува збор за презентирање на конкретни теми, периоди, настани, процеси, личности или места. Оваа изложба, со изборот на најубавите и најважните документи, треба да ги претстави најважните сочувани архивски материјали во архивите на Република Словенија. Доколку сакате да ги видите Каролиншкиот ракопис од IX век, најстариот документ во Република Словенија, градскиот статут на Пиран од 1307 година, или сакате да дознаете каде се наоѓаат најстарите матични книги, какви даноци плаќале во Словенија или пак сакате да го видите планот за најголемиот вијадукт во Европа и резултатите од гласањето на плебисцитот во Словенија во 1990 година, имате можност да ја посетите изложбата во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во периодот од 7 до 21 декември 2018 г.
Изложбата има 25 паноа, 16 поглавја и повеќе од 140 документи, почнувајќи од IX век, па сè до 1990 година.