NOVOto-LOGO

Посета на Федералното архивско агентство на Руската Федерација (РОСАРХИВ) во Москва, промоција на Зборникот на документи „Руската колонија во Скопје (1920-1943)“ и отворање на изложбата „Русите во Скопје и Вардарска Македонија (1920-1940)“ во Домот на Руската емиграција – „Александар Солженицин“

Директорот на Државниот архив на Република Македонија, г. Кирил Петров, заедно со уште неколку вработени во Архивот, во периодот од 25 до 26октомври 2018 година, на покана на Домот на Руската емиграција – „Александар Солженицин“во Москва, оствари повеќе работни средби во архивите во Москва и со раководството на Домот на Руската емиграција.

За време на престојот во Москва, г. Петров се сретна со директорот на Федералното архивско агентство на Руската Федерација (РОСАРХИВ), г-дин Андреј Н. Артизов, со кого разговараше за идната соработка меѓу двете архивски институции и објавување на заеднички публикации, односно зборници на документи за историјата на македонскиот народ, но и за историјата на руската емиграција во Македонија.

Г. Петров се сретна и со раководните лица на Државниот архив на Руската Федерација (ГАРФ), Државниот архив на руската економска историја (РГАЕ) и Државниот архив на Руската Федерација за современа историја (РГАНИ).

На средбите беа разменети информации за организационата поставеност и за начинот на работа на архивите во Руската Федерација, а се разговараше и за можноста научно-истражувачки работници од Република Македонија да истражуваат во Архивите на Руската Федерација.

Во текот на средбите е направен увид во повеќе архивски фондови, што ги поседуваат овие архивски институции, а во чии рамки се наоѓаат документи за историјата на македонскиот народ.

Средбите со раководните лица на горенаведените архиви во Москва, г. Петров ги искористи за да договори повеќе заеднички проекти.

На сите работни состаноци во Архивите во Москва и во Домот на Руската емиграција – „Александар Солженицин“ учествуваше и Н.Е. г-дин Гоце Карајанов, амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

На 26 октомври во Домот на Руската емиграција – „Александар Солженицин“ во Москва, г. Петров пред бројна публика и присуство од страна на медиумите ја отвори изложбата „Русите во Скопје и во Вардарскиот дел на Македонија (1920-1940)“, подготвена од д-р Јасмина Дамјановска, советник во Државниот архив на Република Македонија и д-р Ленина Жила од Институтот за национална историја на Република Македонија.

На изложбата се претставени документи и фотографии за животот на руската емиграција во Македонија.

Отворањето на изложбата беше искористено и за промовирање на зборникот на документи на Државниот архив на Република Македонија, „Руската колонија во Скопје (1920-1943)“, објавен во 2015 година.

Дел од делегацијата на Државниот архив на Република Македонија, која беше во посета на Архивите во Москва, оствари средба и со компанијата ЕЛАР (www.elar.ru), задолжена за дигитализација во архивите во Москва и пошироко во Руската Федерација.

Изјавата на г. Петров за изложбата „Русите во Скопје и во Вардарска Македонија (1920-1940)“

Најнови објави