Државниот архив на Република Македонија ја објави монографијата на д-р Теон Џинго под наслов „Владислав Ковачев“, една од многуте македонски револуционерни личности што го посветиле својот живот на бескрајната борба за создавање самостојна македонска држава. Многумина од неговите современици како и научниците што го анализираа неговото животно патешествие, како постојано да се трудеа да ги пронајдат темните дамки од неговото дејствување, занемарувајќи ги мноштвото извонредни подвизи како на револуционерен план така и во сегментите кога преку пишаниот збор ѝ ги претставил на јавноста своите размислувања и визии за иднината на Македонија.
Трудовите напишани од неговото перо биле визионерски и далеку пред времето во кое Владислав Ковачев живеел, творел и дејствувал. И тој, анализирајќи од денешна перспектива, ја доживеал тажната македонска судбина да дејствува и да се чувствува беспомошен, да биде свесен дека можеби начинот на дејствување не е оној вистинскиот, но тој и понатаму продолжувал да мечтае дека можеби токму тогаш, во многубројните мигови на пресврти и нови одлуки, ќе дојде вистинскиот час за остварување на конечната и единствената цел.
Владислав Ковачев може да се анализира од многу аспекти. Од една страна, тој бил обичен, семеен човек, кој посветено се грижел за своите најблиски. Од друга страна, Владислав Ковачев бил офицер, четник, војвода, адвокат, судија и идеолог на новите федеративни движења во македонската емиграција во Бугарија. Низ различните етапи од животот на Владислав Ковачев, од револуционерното семејство Ковачеви, преку военото училиште и дејствувањето во редовите на Врховниот македонски комитет, искреното пријателство со Борис Сарафов кое подоцна било крунисано со кумство, учеството во Илинденското востание, дејствувањето како адвокат и граѓански судија, основач и идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација, еден од двигателите на Илинденската организација, редактор на весникот Автономна Македонија, и убиството од неговиот сограѓанин Мирчо Кикиритков, всушност се отсликани и етапите од македонското револуционерно движење. Сите поделби, меѓусебни обвинувања, безбројни апели за помирување и обединување на македонските емигрантски редови и неуспешните заложби, фактички биле составен дел од животниот пат на Владислав Ковачев. Меѓутоа, иако е многу разбирливо по многубројните неуспеси човек да подзапре, да се одмори и да го пронајде патот како да продолжи, Владислав Ковачев едноставно во секој неуспех гледал нов мотив, мотив кој како да му давал дополнителен елан да продолжи да дејствува, да твори, да размислува, да полемизира. Дури и кога неговите пријатели го убедувале да се повлече, па дури и во моментите кога неговиот живот бил загрозен, тој не се колебал и одлучувал да му пркоси на времето и на многубројните непријатели, и истовремено да им биде потпора на неговите сомисленици и пријатели. И тој на сето тоа гледал како на свет долг кон поробената татковина Македонија.
Владислав Ковачев го има создадено, веројатно, еден од најдобрите ракописи кои произлегле од перото на македонските дејци. Политичкиот катихизис на Македонците или Политичкото верују на Македонците, дело кое е безвременско, сублимат на размислувањата на Владислав Ковачев по балканските војни и Првата светска војна. Во тој труд тој на едно место ги врежал сите негови визионерски замисли како да се постигне идејата за создавање независна македонска држава, уредена по федеративен принцип. Свесен за состојбите во кои едноставно за Македонија и македонското револуционерно движење не постоеле ни вистински пријатели, ни сојузници од редовите на големите сили, Владислав Ковачев говорејќи за иднината на македонското движење и неговата татковина, ги напишал следниве редови, кои и од денешен аспект внесуваат позитивен немир кај секој искрен и чесен Македонец што ја сака Македонија.