LogoArhivTetovo2018

РАБОТАТА НА АРХИВОТ – ТЕТОВО ВО УСЛОВИ НА ТРАНЗИЦИЈА (1991 – 2015)

Во почетокот на август 2018 година излезе од печат публикацијата „Работата на архивот – Тетово во услови на транзиција (1991 – 2015)“, издание на Државниот архив на Република Македонија. Автор на публикацијата е м-р Младен Матовски.

Периодот од 25 години (од 1991 до 2015 година) во услови на промени што настанаа во земјите во кои се распадна социјалистичкото уредување, временски дава можност да се согледаат и промените што настанаа во сите сегменти на општествено-политичкиот и економскиот систем во Република Македонија, односно времето на таканаречениот постсоцијалистички период.

Системските промени кои настанаа во периодот на трансформацијата, доведоа до промени во законодавната и извршната власт, во судската власт, општественополитичките организации, стопанскиот систем, односно промени во целокупниот општествено-политички и економски живот во земјата. Сето ова влијаеше и врз работата на Државниот архив на Република Македонија и неговите подрачни одделенија, а тоа беше и доволен предизвик Архивот да се трансформира во орган кој ќе работи во новите општествено-политички и економски услови и ќе одговори соодветно на функцијата што ја има на полето на собирањето, чувањето и заштитата, обработката на архивскиот материјал и неговото користење за потребите на граѓаните.

Трудот, всушност, претставува анализа на работата на Архивот во сите негови сегменти на полето на архивското и канцелариското работење, а како одраз на промените во Република Македонија.

Акцентот во публикацијата е ставен првенствено на мерките и задачите што Државниот архив на Р Македонија со своите подрачни одделенија мораше да ги реализира во сосема нови услови на трансформирани односи во политичкиот и стопанскиот систем во земјата, односно структурните промени кај имателите кои се и изворот каде што се создава архивскиот материјал.

Трудот опфаќа дванаесет поглавја со свои потточки, и тоа: I – Статусот на Архивот во услови на промени; II – Територијалната надлежност на Архивот во согласност со административно-територијалните промени од 1996 и 2004 год.; III – Актуелните задачи на Архивот во времето на транзицијата – меѓународна тркалезна маса, Охрид – 1996 год.; IV – Структура на имателите на архивскиот материјал како одраз на општествено-политичките промени во Р. Македонија; V – Приоритетните задачи во работењето на Архивот – Тетово во услови на транзиција; VI – Преземање архивски материјал од имателите кои се трансформираат, се укинуваат или престануваат да работат како услов за негово целосно чување и заштита; VII – Улогата на Архивот во процесот на денационализација, приватизација и легализација на објектите на граѓаните и правните субјекти; VIII – Користењето на архивскиот материјал за научноистражувачки цели на граѓаните; IX – Презентација на архивскиот материјал; X – Издавачка дејност на Архивот во соработка со Државниот архив на Р Македонија; XI – Промените во архивското законодавство на Р Македонија во периодот на транзиција и XII – Кадровска екипираност на Архивот во услови на транзиција. Како прилог на трудот е даден регистарот на архивските фондови и збирки на ДАРМ – Одделение Тетово. Промените што настанаа како резултат на распаѓањето на поранешниот социјалистички систем во сферата на општественополитичкото живеење и новонастанатите економски реформи во Р Македонија, придонесоа во целост да се измени пристапот на работа во Државниот архив на Р Македонија и неговите одделенија кон архивската работа и дејност.

Државниот архив на Република Македонија денес дејствува како единствена управна организација на територијата на Република Македонија, која врз стручно-научна основа врши инспекциски и стручен надзор над работата на имателите и од нив го прима, заштитува, обработува, публикува и го дава на користење архивскиот материјал што е значаен за историјата на македонскиот народ.

Државниот архив во периодот 1965-2000 година функционираше како Архив на Македонија, а од 2000 година го носи името Државен архив на Република Македонија.

Територијалната надлежност на Архивот во Тетово до промените со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа од 1996 година беа поранешните општини Тетово и Гостивар, за по овој Закон надлежноста да биде врз новоформираните општини – локални самоуправи (19), и тоа: Тетово и Гостивар како и Боговиње, Брвеница, Вратница, Желино, Јегуновце, Камењане, Теарце, Џепчиште, Шипковица, Вруток, Врапчиште, Долна Бањица, Неготино, Ростуше, Маврови Анови, Србиново и Чегране, Тетово и Гостивар. Според Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија од 2004 година, Архивот дејствува на 9 (девет) општини: Гостивар, Тетово, Брвеница, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Боговиње, Маврово и Ростуше и Теарце.

Како резултат на настанатите промени на општественополитичкиот и економскиот систем во Република Македонија, се извршија и структурни промени кај сите иматели без разлика дали тоа беа од сферата на нестопанството, односно општествените дејности или стопанските субјекти. Во општествените дејности тоа се имателите од законодавната и извршната власт, судската власт, општественополитичките организации, СИЗ-овите, културно-образовните институции и други субјекти како и во стопанството во претпријатијата со општествен капитал и имот (претпријатија, задруги и слично).

Во услови на вкупните општественополитички промени во Република Македонија, беа поставени приоритетните задачи во работењето на Архивот – Тетово. Имено, првенствено се преземени соодветни мерки во сите сфери на архивското и канцелариското работење со цел задачите што стоеја пред Архивот – Тетово во новоформираните услови на работа да се извршуваат квалитетно и навремено.

Заради навремено и квалитетно извршување на своите програмски задачи во делот на архивското и канцелариското работење, Архивот – Тетово секогаш во својата работа се раководеше врз архивското законодавство на Република Македонија во овој транзициски период, кој соодветно одговори на промените настанати во севкупниот општественополитички и економски систем во земјата.

Најнови објави