Во периодот од 30.09 до 04.10.2019 година претставници од Државниот архив: заменик-директорот д-р Музафер Бислими, раководителот на Одделението за средување архивски материјал од стар период, Лили Саватиќ и м-р Ирфете Ибраими, советник во Секторот истражување, користење и публикување на архивски материјал, меѓународна соработка и АОП, беа во четиридневна посета на спомнатите институции заради иницирање заемна соработка. На директорите на наведените институци им беше понуден Предлог-договор за соработка како продолжение на Меморандумот за соработка потпишан 18.03.2003 година.
Во случај да се одобри соработката, нашите институции би разменувале експерти од областа на архивистиката заради заемно доостручување, би се реализирале на годишно ниво истражувања на фондови од интерес на институциите и би се реализирале изложби, кои подоцна би биле презентирани и во други центри во регионот, за лица и историски настани што претставуваат културни мостови и врски меѓу нашите држави.
Прво беше реализирана посета на Архивот на Босна и Херцеговина и средба со заменик-директорите Хаџија Хаџиабдиќ и д-р Шимун Новаковиќ и на Историскиот архив на Сараево и в.д. директорот Велид Јерлагиќ. Таму се запознавме со фондовите во работа и принципите на средување, обработка, начинот на сигнирање и условите за чување на фондовите, состојбата на депоата како и начинот на издавање на средените фондови на корисници, работата на читалните и правата и обврските на истражувачите. Ни дозволија детален увид во нивните инвентари, каталози и други научноинформативни средства. Во електронска форма ги добивме водичите на архивски фондови и збирки со кои располагаат архивите. Кога ќе се одобри Предлог-договорот, кој треба да се прецизира од двете страни и да се потпише до крајот на годината, и кога ќе се реализира соработка, на располагање ќе ни биде ставен целиот архивски материјал и ќе можеме да истражуваме и да ги користиме фондовите што се од интерес за нашата историја и култура.
Од особено значење беше посетата на Гази Хусрев-беговата библиотека и средбата со директорот м-р Осман Лавиќ. Со голема гордост ни беа претставени просториите на самата библиотека, лабораториите за конзервација и реставрација, читалната, изложбениот простор и депоата обновени со странски донации и опремени со најсовремени апарати за одржување на константна температура и влажност. Библиотеката располага со неколку конгресни сали, кои ги најмува на институции, со што ги надополнува средствата за финансирање на своите проекти. Кога ќе се реализира Договорот за соработка, ние би имале на располагање простор каде што би организирале заеднички изложби и други настани од културно значење за двете земји.
На крајот од посетата директорите дојдоа до заеднички заклучок дека од најголема важност за афирмирање и развивање на архивистичката дејност е во регионот да има редовни средби и советувања на експерти од оваа област што би ги размениле своите искуства и унапредиле стекнатите знаења.