Д-р Емил Крстески, директор на Државниот архив, на 19 и 20 септември на покана на г. Јуси Нуртева, директор на Националниот архив на Финска, учествуваше на 27-от состанок на Европската архивска групација и 40-та Конференција на Европскиот одбор на националните архивисти, кои се одржаа во Хелсинки, Финска.
Овие состаноци се одржуваат два пати во текот на една година, ги организира земјата претседавач со Европската Унија и на нив присуствуваат исклучиво директори на државни архиви од земјите членки на Европската Унија.
Д-р Емил Крстески беше единствен претставник од земја која не е членка на Европската Унија, што беше исклучителна привилегија за нашиот Архив, но и можност да се информираме за актуелните теми во архивистиката на европско ниво, како и искуствата на националните архиви на земјите членки на Европската Унија.
Главни теми на состанокот на Европската архивска групација, како и на Конференцијата на Европскиот одбор на националните архивисти беа: дигитализацијата и значењето на технолошкиот развој за напредокот на архивистиката, како и потребата од поголема транспарентност и отвореност на архивите за непречен пристап од страна на домашните и странските истражувачи.
Учеството на овој настан во Хелсинки, од страна на д-р Емил Крстески беше искористено за остварување низа билатерални состаноци со претставниците од националните архиви од Германија, Норвешка, Холандија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска и Бугарија, како и со претседателот на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет, д-р Чарлс Фаруџа, кој е директор на Националниот архив на Малта.
За време на состаноците, д-р Емил Крстески го посети и Националниот архив во Хаменлина, граден според најновите стандарди во архивистиката и опремен со најнова технологија, пуштен во употреба во 2009 година.
Од отворањето на Состанокот на Европската архивска групација и Конференцијата на Европскиот одбор на националните архивисти – Хелсинки, 19 септември 2019 г. Д-р Емил Крстески, директор на Државниот архив на Република Северна Македонија, заедно со директорите на националните архиви од Европската Унија Д-р Емил Крстески со д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија и д-р Михаил Груев, претседател на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија Д-р Емил Крстески и д-р Чарлс Фаруџа, претседател на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет и директор на Националниот архив на Малта Д-р Емил Крстески во посета на Националниот архив во Хаменлина, заедно со г. Јуси Нуртева, директор на Националниот архив на Финска, д-р Андреа Хангер, заменик-директор на Националниот архив на Германија и д-р Јозо Ивановиќ од Хрватскиот државен архив