Државниот архив на Република Македонија во декември 2018 година ја објави книгата „Турски документи за историјата на Македонија – Пописи од XIX век, Скопски санџак, Kичевска каза 1832/33, том I книга 1“, во редакција на проф. д-р Музафер Бислими, доц. д-р Аднан Шериф и м-р Ирфете Ибраими.
Овој вид на дефтер (нуфус дефтер), за разлика од претходните објавени дефтери, нуди првенствено основни статистички податоци за бројот на населението, а покрај тоа претставува и основен показател на називот на населението, занимањето, одликата како и хендикепот на тоа население. Имено, во овој дел на дефтерот станува збор за попис на население од исламска вероисповед на маалата во градот Кичево, вкупно 4 маала и селата, вкупно 30 поврзани со Кичево односно целата Кичевска Каза. Во маалата на Кичево се опфатени се околу 234 домаќинства со 529 машки лица а селата приврзани за Кичевската Каза опфаќа приближно околу 683 домаќинства со приближно околу 1.754 машки лица со напомена дека во ова пребројување не се вклучени новороденчињата. Пописот од првата половина на XIX век поточно 1832/33 година спроведен од страна на османлиската држава за проверка на населението е направен во интервали од речиси 6 месеци, опфаќајќи ги сите три вилаети (Скопски, Битолски и Солунски), кои се протегаат на самата територија на Македонија.
Целта на пописот била јасна: постојано да се има точна и прецизна евиденција за бројот на военоспособните од исламското население за разлика од христијанското население, кое наместо учество во воените походи било задолжено да даде посебен данок, а со тоа било и ослободено од учеството на самите воени походи. Пописот на населението се извршувал најпрво по вилаети, кази и села. Куќите биле поделени по маала и биле нумерирани, а за секој член од тоа домаќинство, кој исто така имал свој број и за кој требало да се внесе настанатата промена, се наведувале и називот, староста, одликата или пак хендикепот на лицето евидентирано од страна на службеникот задолжен да го спроведе пописот.
Имајќи предвид дека османлиската држава извршувала попис на население за машка, а не за женска популација, круцијално е да се наведе дека ова издание на дефтер за попис не претставува целосен број на вкупното население во самата каза. Тој број може да се добие само доколку на еден статистички збир на бројот на машката популација се додаде исто толкав број на женска популација плус новороденчињата, па да се има колку толку точен број на населението. Впрочем, овој вид на спроведени пописи претставувале една рамка на државата за имање точна евиденција за општата состојба на населението во дотичната каза на санџакот со посебен фокус на исламското население при нивната неопходна воена регрутација. Исто така, овие пописи општо служеле и како евиденција на државата за општата состојба на населението нешто како денешните матични книги бидејќи до следните спроведени пописи сите промени што настанале во населението се наведувале со посебна боја, најчесто црвена со цел да се разликува од претходното, било да е полнолетство, смрт, пензионирање или преселба.
Ова издание содржи мошне важни податоци за бројот на населението во Македонија за време на османлиското владеење непосредно од самите османлиски официјални служби и ќе претставува еден одличен поттик и причина повеќе за изучување на населението во Македонија од страна на различните научници особено историчари, антрополози, демографи и ред други научници. На крајот, доколку се гледа од временската дистанца, а со оглед на тоа дека се работи за попис спроведен пред околу 188 години, што значи 7 до 8 генерации порано, податоците што ни се нудат преку ова издание на овој попис од првата половина на XIX век се од мошне голема важност за жителите на тие маала и села, бидејки врз основа на тие податоци денешните генерациии можат многу лесно и прецизно да го состават своето семејно стебло.
Оваа издание на дефтерот за пописот од првата половина на XIX век на населението од исламска вероисповед во Македонија поточно маалата во самиот град на Кичево и селата приврзани за Кичевската Каза ќе биде прва од низата книги на серијата објавени отсега па натаму во традицијата на Државниот архив на Република Македонија и ќе претставува една ризница на податоци покрај претходно објавените документи за историјата на Македонија за пописите на даноците и видот на платените даноци за време на владеењето на османлиската држава.
Оваа серија на Пописни дефтери од XIX век ќе биде издадена на македонски и на албански јазик.