UrbanizacijaLOGO

УРБАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ

Кон крајот на 2018 година излезе од печат зборникот „Урбанизацијата на Скопје меѓу двете Светски војни“ во редакција на д-р Лидија Ѓурковска и д-р Габриела Топузовска.

Изработката на овој зборник на документи произлезе од потребата да се даде придонес за научното расветлување на овој значаен сегмент од урбаниот развој на градот Скопје, како административен, економски и политички центар на вардарскиот дел на Македонија, кој во наведениот период беше во територијалните граници на Кралството СХС/Југославија. Низ архивските документи за периодот меѓу двете светски војни можат да се согледаат развојот, просперитетот, подемите и падовите на градот и на неговите жители, потоа како тој растел и како се развивал во дводе-ценискиот временски период 1918 – 1941 година.

Со формирањето на новата држава Кралството СХС/Југославија, во чии територијални рамки беше и вардарскиот дел на Македонија, градот Скопје станал стопански, административно-политички и културен центар на Вардарска Бановина.

Така градот Скопје израснал во трговски и индустриски центар, лоциран во овој дел на Балканскиот Полуостров, кој предизвикувал внимание не само кај домашната туку и кај соседната и, пред сè, европската јавност. Покрај тоа, таа на него гледала како на културен и цивилизациски центар во кој заемно се испреплетувале културните и стопанските достигнува на истокот и западот, на соседните балкански земји и на христијанството, муслиманството, еврејството и другите религии и нивните традиции.

Разновидните земјоделски култури, развиеното сточарство и занаетчиство и добрата сообраќајна поврзаност на Скопје биле солидна основа за брзиот развој на трговијата и на пазарите, не само во градот Скопје туку и пошироко. Така во Скопје почнала да се концентрира трговијата на големо и на мало, која се одвивала со другите краеви на Кралството СХС/Југославија, но и надвор од него. Според податоците од проучувањето на голем број архивски документи, на регистарски трговски и еснафски книги, од меѓувоениот период, доаѓаме до заклучок дека Скопје имало јаки трговски врски со значајни градови и подрачја не само од Балканскиот Полуостров туку и пошироко. Самиот град со текот на времето се издигнал во транзитно седиште со голем промет и размена на индустриски, занаетчиски, земјоделски и други трговски артикли произведени во градот и артикли донесени од далечни места, предели и земји.

Тогашната општинска управа се грижела за сите области од секој¬дне¬в¬ниот живот на градот, но и за создавање поволни услови за развој на урбано развивање на градот. Така инж. Јосиф Михајловиќ, еден од најпознатите гра¬до¬на¬чалници на Скопје, вложил најголема енергија во изградба на капиталните објекти, како што се: хидроцентралата Матка, водоводот Рашче, Старата железничка станица во центарот на Скопје, Зеленото пазарче до зградата на Собранието, Офицерскиот дом (разурнат во земјотресот), старата зграда на Народна банка на Македонија (исто така разурната во земјотресот од 1963 г.), насипот во Градскиот парк на реката Вардар, регулацијата на реката Серава и др.

Сето ова придонело во периодот меѓу двете светски војни Скопје да се оформи во значаен центар, во кој се концентрирала банкарската мрежа како финансиска логистика на стопанството и на граѓаните. Главно, станува збор за филијали на тогашните банки, како што се: Народната банка, Државната хипотекарна банка, Првата хрватска штедилница и други.

Специфичноста на економската ситуација и стопанските состојби во Скопје во меѓувоениот период укажуваат на секојдневниот живот и проблемите со кои се соочувало населението во овој град. Токму затоа нашата определба за обработка на оваа тематика е предизвик за да се согледа урбаниот растеж на градот Скопје низ призмата на состојбите во стопанството, индустријата, трговијата, сообраќајот, земјоделството, туризмот, банкарството итн.

При конципирањето на зборникот е користена необјавената архивска документација од Државниот архив на Република Македонија и од Државниот архив на Република Македонија – Одделение Скопје.

Целта на овој труд е низ прегледот на архивските документи да се види урбаното издигнување на градот Скопје меѓу двете светски војни. Следено низ изворна архивска документација и во консултација со објавената научна литература, во трудот се презентирани хронолошко-проблемската анализа на стопанските состојби, индустријата, занаетчиството, трговијата, сообраќајот, туризмот, банкар¬ство¬то и другите појави што се поврзани и што имале влијание на урбаниот развој на градот Скопје и на неговата околина.

Со објавувањето на оваа архивска документација ќе се даде придонес за расветлување на ова многу значајно прашање од доменот на урбаната историја на градот Скопје во периодот меѓу двете светски војни.

Најнови објави