icarus

Учество на 22-от Состанок на ИКАРУС – Меѓународен центар за архивско истражување (24-26 септември 2018 г. – Неапол, Италија)

Во периодот од 24 до 26 септември 2018 година, г. Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија учествуваше на 22-от Состанок/Конференција на ИКАРУС – Меѓународен центар за архивско истражување (ICARUS – International Centre for Archival Research).

ИКАРУС (www.icar-us.eu) е конзорциум кој ги поддржува архивите и другите сродни институции во справувањето со предизвиците на новото дигитално време. Основан е во 2008 година и е организиран како здружение во согласност со законот во Австрија, а се состои од повеќе од 160 јавни тела од повеќе европски држави, како и од Канада и Америка. Државниот архив на Република Македонија е член на ИКАРУС од декември 2010 година.

Конференцијата се одржа на Универзитетот „Федерико II“ во Неапол, кој е формиран во 1224 година и е еден од најстарите универзитети кој што работи во кoнтинуитет, а во неговиот состав функционираат 13 факултети.

Оваа конференција на ИКАРУС беше организирана заедно со Втората меѓународна конвенција на финансираниот од ЕУ проект „co:op“ (Заедницата како можност), а главна тема беа историските документи, истражувањето и општеството во дигиталното време.

Тематски приоритет на конференцијата беа дискусиите за тоа како социјалните промени во дигиталното време влијаат на архивските структури, истражувачките методи и работењето со историските документи и обратно.

Архивските документи од дигиталното време бараат нови (дигитални) истражувачки методи, а архивскиот материјал има комплетно нов вид на корисници кои немаат специфично образование.

Со прилагодувањето на технолошките предности на дигиталното време кон различните потреби на оваа нова хетерогена публика, посебно може да бидат истражувани, услужувани, активирани и проширувани овие истражувачки заедници.

За време на трите дена на Конференцијата имаше пет работни сесии и исто толку дискусии.

На Конференцијата се дискутираше за:

  • – Соработката како можност, историските документи, истражувањето и општеството во дигиталното време;
  • – Огромните податоци од минатото – можности и предизвици за архивите и корисниците;
  • – Дигитално работење со историските документи;
  • – Соработката на архивите и корисниците (Topotheques, Budapest Time Machine)
  • – Децата и младите луѓе и архивите.

Главното излагање на Конференцијата беше од страна на Фредерик Каплан од Лозана (EcolePolytechniqueFederale de Lausanne, Digital Humanities Lab – DHLAB), на тема „Огромни податоци од минатото: Визија или блиска иднина?“.

Излагачи на Конференцијата беа архивски работници од повеќе земји од Европа, кои пред останатите учесници ги презентираа своите искуства од областа на архивистиката и дигитализацијата во архивите. На Конференцијата беа понудени различни пристапи кон тековните проблеми во архивите, но исто така беа презентирани и мноштво на активности на проектите кои ги вклучуваат архивите.

Во рамките на „Саемот за компании”, за време на Конференцијата беа претставени корпоративните партнери на мрежата на ИКАРУС и учесниците имаа можност да бидат запознати со „Spigraph“ (www.spigraph.com), француска компанија за дигитализација на документи и дистрибуција на скенери, која што презентираше како се мери, контролира и одржува квалитетот на скенираните документи, а исто така имаше презентација и на TreventusNainuwatm (www.treventus.com/nainuwa.html).

За време на Состанокот на ИКАРУС во Неапол беше посетен и Државниот архив во Неапол и Историскиот архив во Музејот на Банката во Неапол, каде што на учесниците им беа презентирани условите за работа во тој архив, а им беа претставени и најстарите и најзначајните документи што се чуваат во нивните депоа.

Најнови објави