Државниот архив на Република Северна Македонија ги објави Хрониките на селата во Костурско, том 1, книга 1 и 2 во редакција на д-р Катерина Мирчевска, д-р Димитар Љоровски и д-р Љубица Јанчева.
Хрониките на селата во Костурско претставуваат импозантен опус на запишани историски податоци што може да се користат како своевидна потврда за опстојувањето на македонското население на овие простори. Всушност станува збор за орална историја на историското минато на одделни села во делот на Македонија во Грција, пренесени преку личните и особено преку посредните сеќавања на интервјуираните поединци.
Зборникот го опфаќа периодот од крајот на Втората светска војна, текот на Граѓанската војна во Грција и особено по нејзината завршница во 1949 година, кога во Југославија ќе бидат прифатени голем број бегалци од грчката држава, Грци и Македонци. Во период од неколку децении и со голем ангажман од страна на македонските власти, Македонците бегалци од Граѓанската војна во Грција ќе минат низ еден долготраен процес на приспособување и интеграција во новиот општественополитички контекст. Притоа, сеќавањата на трауматичното искуство од Граѓанската војна ќе се имплементираат во специфична културна меморија во која, спомените за родните места, историските настани и личностите ќе му се спро-тивстават на игнорирањето на историското присуство на македонското население во делот на Македонија во Грција, од страна на грчката држава.
Своевиден придонес врз развојот на овој процес ќе претставува врамувањето на овие сеќавања во историски извори, во запишани текстови – хроники, што како составен дел од активностите на Институтот за национална историја во Скопје, се реализира кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на 20. век.
Според податоците содржани во текстовите, може да се заклучи дека лицата опфатени со овој проект давале одговори на однапред подготвени прашања што се однесуваат на колективните сеќавања на локалното население во врска со настанувањето на селата, легендите поврзани со потеклото на имињата на селата, нивната местоположба, етничкиот состав на населението, бројот на населението и неговите промени, занимањата, како и други специфични податоци за одредени локални настани и истакнати личности, народни обичаи, народни песни, пренесувани низ генерациите преку устен пат.
Особен акцент е посветен и на прибирањето податоци за учеството на македонското население од секое поединечно село во националноослободителното и револуционерно движење во Илинденскиот период, како и во национално-ослободителното и комунистичкото движење во меѓувоениот период, во периодот на антифашистичката борба и во времето на Граѓанската војна во Грција. Освен тоа, текстовите изобилуваат и со други информации што се однесуваат на начинот на живот и на секојдневието на населението во специфичните околности на сите наведени историски периоди одделно. Треба да се нагласи дека сепак, со оглед на временската дистанца, хрониките, во својот поголем дел, го детектираат и го следат учеството на македонското население во антифашистичката и во Граѓанската војна во Грција, промената на бројот на населението по нејзината завршница како и одредиштето на иселените лица и семејства од секое село.
Податоците што се добиваат како резултат на методите на оралната историја имаат статус на извори од третостепено значење и преку нивно внимателно користење во корелација и споредување со архивската документација како примарен извор, понудените текстови можат да послужат како одлично изворно четиво од кое може да се црпат полезни податоци за историјата, но исто така и за автентичната етнологија, култура, демографија, географија, етнографија и фолклор на одделните населени места и реони во делот на Македонија во Грција, со што отвораат можност за откривање непознати податоци и настани или непознати аспекти на познати настани.
Зборникот документи содржи 22 хроники на населени места во Костурско како Бобишта, Бомбоки, Брешчени, Вамбел, Галишта, Добролишта, Драничево, Дреновени, Езерец, Кономлади, Статица и др. Заради поедноставно користење на архивскиот материјал, изданието означено со том 1 е поделено во две книги. Првата книга содржи 13 и втората 9 хроники, кои се подредени по азбучен редослед на имињата на населените места. Објавените материјали се селектирани, технички обработени и со соодветни објаснувања дадени во фусноти под текстот од страна на редакторите. На крајот на секој текст е наведена и оригиналната сигнатура под која секој документ е поединечно заведен во Документационото одделение „Д-р Велимир Брезовски“ во Институтот за национална историја во Скопје. Хрониките се подредени по азбучен редослед на имињата на населените места.
Хрониките се презентирани во оригинална форма и Редакцијата се оградува од правописните и фактографските грешки што ги евидентира во текот на техничката обработка на материјалот. Сите географски поими, лични имиња, имиња на организации и историски настани се дадени во оригиналната форма во која се среќаваат во документацијата.