Директорот на Државниот архив на Република Македонија, г. Кирил Петров, на покана на Државниот архив на Австрија (www.oesta.gv.at) и Меѓународниот центар за архивско истражување (ИКАРУС – www.icar-us.eu), учествуваше на 38-та Конференција на Европскиот одбор на Националните архивисти, која се одржа на 8и 9 ноември 2018 година во Конференцискиот центар „Austria Center Vienna“ (ACV, Bruno-Kreisky-Platz 1) во Виена, Австрија.
Европскиот одбор на националните архивисти (European Board of National Archivists – EBNA), на директорите на националните архиви од Европската Унија им обезбедува форум за размена на искуствата од нивното работење, а во исто време дава можност за зголемување на соработката помеѓу институциите одговорни за чување на историјата на народите од Европа.
Состанокот на Европскиот одбор на националните архивисти се одржува секој шест месеци, а организаторите се менуваат со ротирањето на Претседателството со Советот на Европската Унија.
Државниот архив на Австрија во рамките на Претседателството на Австрија со Советот на Европската Унија во второто шестомесечје од 2018 година беше организатор на 38-та Конференција на Европскиот одбор на националните архивисти, на која присуствуваа директорите на националните архиви од скоро сите земји членки на Европската Унија. На оваа Конференција покрај директорите од земјите членки на Европската Унија, беше поканет и директорот на Државниот архив на Република Македонија.
На Конференцијата се разгледуваа актуелни теми, како што се: архивите и статистичките податоци; електронското архивирање; заштитата на податоците и ажурирањето на националните законодавства во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците (General Data Protection Regulation – GDPR),а беше претставено искуството на Велика Британија во врска со архивирањето на личните податоци, како и искуството на Националниот архив на Холандија во врска со архивирањето на електронската кореспонденција и нејзиното значење за реконструкцијата на историјата.
Во Виена, за време на Конференцијата на Европскиот одбор на националните архивисти, директорот на Државниот архив на Република Македонија, г-дин Кирил Петров, оствари средби со г-дин Волфганг Мадертанер, директор на Државниот архив на Австрија и разговараше во врска со конструкцијата на депото во овој Архив (граден на почетокот на дваесетиот век), решение што со текот на времето се покажало како особено квалитетно за градење на депоа и кое што е земено како пример од неколку архиви во светот. Станува збор за комплетно железна конструкција на сите пет спрата од депото, како на основата и зидовите, така и на рафтовите на кои се чуваат архивските документи.
За време на конференцијата, г-дин Петров оствари средба и со новоименуваниот директор на Националниот архив на Романија, г-дин Кристијан Анита, новоименуваниот директор на Архивот на Војводина, д-р Небојша Кузмановиќ и претставникот на Државните архиви на Словачка, со кои разговараше за соработката во областа на архивите, реализирањето на архивски истражувања за историјата на Македонија во овие архиви и објавување на заеднички публикации, односно зборници на документи.
На 9 ноември 2018 година на Универзитетот во Виена се одржа свеченост по повод 10 годишнината од постоењето на Меѓународниот центар за архивско истражување – ИКАРУС и беа претставени резултатите од работењето на оваа организација, пришто говореа сите што дале особен придонес во нејзиното формирање, но и реализацијата на нејзините проекти.