Издавачката дејност на Државниот архив, својата библиотека ја збогати со нов наслов „Балкански иконографии“ чиј автор е д-р Нано Ружин, истата претставува продлабочена студија на проектот „Иконографии“, кој почна со претходно објавениот труд „Европската идеја и балканските иконографии“ објавен во 2014 година. Истиот се фокусира на продлабочување на анализата на феноменологијата на иконографија на балканските народи, балканската митологија, легенди, епови како основни штофови на иконографијата, а истите умешно ги срочува во богато дело кое несомнено е нераскинливо поврзано со националниот идентитет и нација.
Оваа студија настојува преку компарацијата на „војната на сликите и иконографиите“ да ги анализира политичките сликовници, пропагандата и техникитена политичките комуникации како главни алатки за популаризација на иконографиите и значењето на масовната култура.Трудот е фокусиран врз геополитичката анализа на балканскиот простор со посебен акцент врз големите национални „мегало-идеи“ на балканските елити, потоа врз епохата на иконографскиот идеолошки ривалитет меѓу советската и германската пропаганда, еволуцијата на АВНОЈ-ска Југославија, пропагандната војна во доменот на културата меѓу Западот и Истокот за време на Студената војна, иконографијата на маршалот Тито, на братството и единството, на самоуправувањето, холивудизација и вестернизација, „левис-манијата“ и „кока-кола социјализмот“ на југословенското комунистичко општество.
Авторот умешно создава еден вид на културолошко-политички колаж на „икони“ во кој игра со големите магови на масовната култура мешјаќи ги со југословенските трендови, за на крајот, во последниот дел да даде осврт на Северна Македонија, за која вели дека „ сè уште ги живее детските болести на транзицијата, со исклучиво богата и творечка иконографска симболика,“ давајќи силна критика на т.н втор катастрофален земјотрес наречен Скопје 2014.