Ова дело претставува продолжение на зборниците „Хроники на селата во Костурско“, том 1, книга 1 и 2, објавени во 2018 година и „Хроники на селата во Леринско“, том 2, книга 1 и 2, објавени во 2019 година и тоа е завршница на проектот „Хроники на населените места во делот на Македонија во Грција“.
Станува збор за мошне интересни архивски извори од доменот на оралната историја што изобилуваат со податоци за повеќе аспекти од локалниот секојдневен, општествено-политички, културен живот на Македонците во Грција, но и на нивното учество во историските настани во османлиска Македонија во периодот од крајот на 19 век до завршувањето на Граѓанската војна во Грција кон средината на 20 век. Опфаќа хроники на 18 села во посочените области, кои заради поголема прегледност на содржината се поделени во две книги.
Несомнено, заокружувајќи го целокупниот проект „Хроники на населените места во делот на Македонија во Грција“, читателите, истражувачите и воопшто сите кои имаат интерес детално да навлезат во животот на егејските Македонци, имаат неповторлива шанса да ја збогатат својата домашна библиотека со дело кое содржи мало богатство од историски факти и настани.