profilnologoWEB

КОНКРЕТНИ ЧЕКОРИ НА СОРАБОТКА СО АРХИВОТ НА КОСОВО

Минатата недела, на 11 февруари 2020 година, делегација на Државниот архив на Северна Македонија оствари официјална посета на Државната агенција за архиви на Косово во Приштина, каде новоименуван извршен директор е м-р Бедри Зиберај. Делегацијата во состав: д-р Емил Крстески, директор, д-р Музафер Бислими, заменик директор, м-р Емилија Роп, раководител на одделение и Дренуша Сeлмани, помлад соработник, ја реализира оваа работна посета со цел продлабочување на соработката помеѓу двете институции. Во оваа прилика, обете страни изразија подготвеност да ги продолжат активностите меѓу двете институции, кои веќе имаат потпишано договор за соработка. Директорите на двете архивски институции ја презентираа својата работа и организациската поставеност, и се согласија за потребата од збогатување на идната соработка. Се заложија за поддршка, промовирање и реализирање на заеднички активности од областа на архивистиката. Тоа подразбира овозможување на истражувачка работа во архивите и размена на искуства, реализирање на изданија и тематски изложби преку работата на заеднички комисии, учество со свои трудови во научните списанија, како и размена на архивски изданија.

Двете делегации се согласија дека во блиска иднина претставници од Државната агенција за архиви на Косово треба да го посетат Државниот архив на Република Северна Македонија.

Истиот ден, беше остварена и посета на Националната библиотека на Косово „Петар Богдани“ во Приштина. На средбата со директорот Фазли Гајраку беа разгледани можните начини на соработка, преку потпишување на меморандум со кој би се овозможило збогатување на библиотечниот фонд на Националната библиотека на Косово со архивски изданија од Државниот архив на Република Северна Македонија, но и размена на дигитализиран библиотечен материјал, како весници, списанија и слично, заради дополнување на архивските фондови и збирки.

Најнови објави